Skip to main content

Јутјуб ќе плати 24,5 милиони долари согласно спогодбата по тужбата за суспендирање на профилот на Трамп

Јутјуб се согласи да плати 24,5 милиони долари за да ја реши тужбата поради суспендирањето на профилот на американскиот претседател Доналд Трамп по нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, покажуваат судските документи објавени синоќа.

Од сумата, 22 милиони долари ќе бидат наменети за изградба на сала за балови во Белата куќа промовирана од Трамп, додека остатокот ќе биде распределен меѓу неколку ко-тужители.

Јутјуб, како и други платформи за социјални медиуми, го блокираше профилот на Трамп во последните денови од неговиот прв претседателски мандат, наведувајќи го ризикот од натамошно насилство откако неговите поддржувачи упаднаа во Капитол во обид да го спречат Конгресот да ја потврди изборната победа на Џо Бајден.

Со недели пред немирите, Трамп тврдеше – без да приложи докази – дека изборите во 2020 година биле украдени, што ги разгоре тензиите меѓу неговите поддржувачи.

Неговите профили останаа суспендирани до две години пред да бидат вратени на почетокот на 2023 година. Твитер, ребрендиран како Икс под милијардерот Илон Маск, го врати профилот на Трамп во ноември 2022 година.

Трамп, кој е реизбран за втор мандат, оттогаш покрена тужби против технолошките компании. Компаниите се одлучија за спогодби со повеќемилионски исплати.

Во јануари, Мета се согласи да му плати на Трамп 25 милиони долари, вклучувајќи 22 милиони долари наменети за планираната библиотека на Трамп. Икс (поранешен Твитер) на Маск се спогоди во февруари за околу 10 милиони долари, објави Волстрит Џурнал.

Многу од учесниците во нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, вклучително и нападите врз полицијата, оттогаш се помилувани од Трамп.

Поврзани вести