Израел и Хамас постигнаа договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, потврди денеска американски официјален претставник, во последните денови од претседателствувањето на Џо Бајден.
Договорот претходно беше објавен од извор информиран за разговорите во Катар, а поздравен од наследникот на Бајден, Доналд Трамп.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека постои договор за заложниците кои ги држи радикалната палестинска група Хамас во Појасот Газа.
„Имаме договор за заложниците на Блискиот Исток, тие наскоро ќе бидат ослободени“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
Западни медиуми јавија дена во Појасот Газа се прославува од страна на Палестинците.
Идниот специјален пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, учествуваше заедно со претставници на владата на актуелниот американски претседател Џо Бајден во преговорите водени под покровителство на Катар и Египет за ставање крај на војната во Појасот Газа.
Новоизбраниот американски претседател, кој ќе ја преземе функцијата в понеделник, исто така рече дека ќе работи со Израел и сојузниците за да се осигура дека Газа „никогаш повеќе нема да биде оаза за терористите“.
Според договорот меѓу Израел и Хамас, 33 заложници треба да бидат ослободени во првата фаза од ослободувањето на заложниците, што треба да трае шест недели, а најмалку тројца се ослободуваат секоја недела.
Тројца американски функционери и еден функционер на Хамас потврдија дека е постигнат договор, додека висок израелски функционер рече дека некои детали се уште се разработуваат. Каков и да е постигнат договор, тој мора да биде одобрен од владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но се очекува да стапи на сила во наредните денови. Договорот се очекува да вклучи првичен 6-неделен прекин на борбите, придружен со почеток на преговорите за целосен прекин на војната, јавија американските медиуми.
Војната меѓу Израел и Хамас започна на 7 октомври 2023 година. Според израелските податоци, речиси 1.200 луѓе биле убиени, а околу 250 заложници биле земени во заробеништво во Појасот Газа.
Според информациите од Министерството за здравство на Хамас, над 46.000 Палестинци загинале во последователната израелска офанзива во крајбрежната енклава.