Skip to main content

Италија и Шпанија испраќаат воени бродови заради заштита на хуманитарната флотила кон Газа

Италија испрати втор воен брод за да ја придружува меѓународната хуманитарна флотила која претходно беше нападната со дрон додека се обидуваше да достави помош за Газа, соопшти италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето.

Флотилата „Глобал Сумуд“, составена од околу 50 цивилни брода, се обидува да ја пробие израелската поморска блокада на Газа. Првата италијанска фрегата беше испратена вчера, неколку часа откако бродовите на флотата беа нападнати од дронови кои исфрлиле шок-бомби и иритирачки прав, на околу 56 километри од грчкиот остров Гавдос, во меѓународни води.

Франческа Албанезе, специјален известувач на Обединетите нации за окупираните палестински територии, напиша на Икс дека флотилата била нападната 14 пати помеѓу Тунис и Крит. „Четири брода сега се оштетени и им е потребна итна поправка. Од синоќа, на еден од бродовите останува неексплодирана направа“, напиша таа.

За нападот беше обвинет Израел, чие Министерство за надворешни работи ја повика флотата да ја испорача хуманитарната помош во израелско пристаниште, предупредувајќи дека во спротивно ќе има последици.

Крозето ги предупреди активистите да не се обидуваат да ја пробијат блокадата и предложи залихите да бидат предадени на италијанските сили или на локалната Католичка црква, за потоа да бидат дистрибуирани во Газа.

Во меѓувреме, италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани работи на посредување кај израелската влада за да дозволи хуманитарните резерви што ги превезува флотилата да влезат во Газа, изјави портпарол на неговиот кабинет за Си-Ен-Ен.

Министерот е во контакт со израелската влада и идентификуваше веродостоен механизам за посредување. Италијанската влада ги испитува сите опции за да избегне натамошни офанзивни дејствија против пловните објекти на флотилата, додаде кабинетот.

Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека неговата земја, денеска исто така испраќа брод за да ѝ помогне на флотилата „во случај на какви било потешкотии“ и за потенцијални спасувачки операции.

Исто така, шведското Министерство за надворешни работи соопшти дека многу внимателно го следи развојот на настаните, додавајќи дека приближно 15 шведски државјани се наоѓаат на пловните објекти.

На бродовите има луѓе од различни националности, вклучувајќи државјани на Италија, Шведска и Шпанија.

Поврзани вести