
Иранските власти наредија утре да бидат затворени владините канцеларии во Техеран и неколку провинции поради топлотен бран и зголемена потрошувачка на електрична енергија, објавија денеска државните медиуми.
Според официјалната иранска новинска агенција, владините канцеларии во најмалку 15 од 31 провинција во земјата ќе бидат затворени или ќе работат со скратено работно време за да се ограничи употребата на електрична енергија и вода.
Меѓу погодените провинции се Западен Азербејџан и Ардабил во северозападниот дел на земјата, Хормозган во јужниот дел и Алборз и Техеран во северниот дел. Гувернерот на провинцијата Техеран, Мохамед Садег Мотамедијан, објасни дека одлуката е донесена по барање од Министерството за енергетика, „поради зголемувањето на температурите и потребата од оптимизирање на потрошувачката на вода и електрична енергија“, објави Иранската државна телевизија.
Топлинскиот бран што го зафати Иран од средината на јули предизвикува недостиг на вода и електрична енергија во големи делови од земјата во време кога нивото на водата во изворите многу се намали.