
Исламистичката милитантна организација Хамас е подготвена да го складира своето оружје во Појасот Газа, но не планира да го предаде како што е предвидено во американскиот мировен план, изјави за телевизијата Ал Џезира шефот на Хамас во странство, Халед Машал.
Планот, кој го предложи американскиот претседател Доналд Трамп и беше поддржан со резолуција на ООН, предвидува разоружување на Хамас во втората фаза што, според Трамп, ќе се случи „многу скоро“.
Но Машал зборуваше за реалноста на окупацијата и за емоционалната тежина што таа ја носи за Палестинците.
Да се разоружа Палестинецот е како да му се извади душата, изјави тој во интервјуто објавено синоќа.
По неодамнешното предавање на уште едно тело на Израел од страна на Хамас, во Појасот Газа сега се наоѓаат само уште посмртните останки на еден заложник. Доколку тоа тело биде предадено наскоро – а Израел за возврат ги предаде 15 палестински тела – двете страни ќе ги исполнат своите обврски од првата фаза на планот на Трамп.
Нејасно останува дали транзицијата кон втората фаза ќе успее, посочува германската агенција ДПА. Втората фаза предвидува, покрај разоружувањето на Хамас, и распоредување меѓународни стабилизациски сили во Газа.
Машал изјави дека Хамас одбива каква било форма на окупација, но нема приговор против меѓународна стабилизациска сила на границите на Газа.
Планот дополнително предвидува транзициска технократска палестинска влада и, за привремен период, „Совет за мир“ со кој би го претседавал Трамп. Машал оцени дека Палестинците треба самите да решат кој ќе ги управува.

Македонски







