Германската федерална канцеларија за јавна заштита и помош при катастрофи развива план за создавање мрежа на бункери во Германија за случај на ескалација на меѓународната закана, објавија германските медиуми.
Поточно, како што пишува таблоидот „Билд“, од 2007 година во Германија почнало постепеното демонтирање на постојните бункери, затоа што се претпоставувало дека повеќе нема да бидат потребни. Познато е дека моментално во Германија има само 579 јавни засолништа, наменети за 480 илјади луѓе.
„Билд“ дознава дека во моментов се развива национален план за бункери во рамки на активностите на Сојузната канцеларија за цивилна заштита и помош при катастрофи (БКК) и регионалните власти во Германија. Планот вклучува различни видови мерки.
Весникот пишува дека БКК во моментов проучува кои јавни објекти може да бидат опремени како засолништа. Тие вклучуваат административни згради и метро станици.
Дополнително, планирано е да се направи и мобилна апликација која на граѓаните ќе им го покажува растојанието до најблискиот бункер. Новинарите тврдат дека БКК исто така планира да поттикне создавање засолништа во гаражите и подрумите на сопствените домови на германските жители.