
Германските пратеници го одобрија буџетот на земјата за 2025 година, „тежок“ 502,5 милијарди евра вкупни расходи, вклучувајќи го и далекусежниот нов долг, јави ДПА.
Буџетот е донесен по несогласувањето околу тоа како да се пополни огромниот јаз во трошењето што ја собори претходната влада во ноември. Тоа значеше дека буџетот за 2025 година мораше да почека додека не се формира нова влада, а конзервативната алијанса предводена од канцеларот Фридрих Мерц го презеде кормилото во мај по предвремените избори во февруари.
Основниот буџет вклучува нето задолжување од речиси 82 милијарди евра, плус милијарди евра инвестиции за одбрана и инфраструктура, со што вкупниот нов долг достигна повеќе од 140 милијарди евра, појаснува ДПА.
Пратениците од опозицијата ја обвинија владата дека премногу се потпира на задолжување откако Мерц презеде мерки за ослободување на трошоците за одбрана и инфраструктура од строгите правила за долг на земјата.
И покрај критиките, вистинските проблеми ги очекуваат кога ќе треба да се постигне договор за буџетите за наредните години, при што пратениците ќе дебатираат за буџетот за 2026 година во наредните недели.
За 2027 година, германската Влада треба да најде начин да ја пополни дупката од 34 милијарди евра.
Повеќе од една третина од трошоците се наменети за социјалната држава, при што околу 190 милијарди евра се наменети за бенефиции, вклучувајќи пензии и надоместоци за невработеност.
Буџетот, исто така, вклучува масовно зголемување на трошоците за одбрана, при што вооружените сили на Германија ќе добијат околу 62 милијарди евра во 2025 година, што е зголемување од 10 милијарди евра во однос на минатата година, бидејќи земјата се обидува да ја обнови својата одбрана во светлината на заканата што доаѓа од Русија, пренесува германската агенција.
Дополнителни 24 милијарди евра инвестиции во одбраната се предвидени да дојдат од заеми од посебен фонд, вклучително и за набавка на нова воена опрема, како што е муниција, тенкови и воени бродови.
Ова е првпат годишните трошоци за одбрана на Германија да достигнат вкупно повеќе од 86 милијарди евра.
Иако трошоците за транспорт се намалени за 6 милијарди евра на 38,3 милијарди евра во споредба со претходниот буџет, околу 35,4 милијарди евра од тоа се наменети за инвестиции, бидејќи Германија се стреми да ја обнови својата железница, која се бори со проблеми, и да ги реновира клучните автопати и мостовите што се распаѓаат.
Германскиот министер за финансии Ларс Клингбаил, кој е одговорен за плановите, го бранеше својот прв национален буџет од обвинувањата од опозицијата, која се пожали дека малку од парите се наменети директно да стигнат до граѓаните, и покрај огромното зголемување на долгот.
Со оглед на тоа што Германија се бори да се врати на економски раст по две последователни години рецесија, Клингбаил рече дека најголемата грижа за граѓаните е задржувањето на своите работни места.
Затоа за владата апсолутен приоритет е да го врати економскиот раст во Германија, да обезбеди работни места тука и да создаде работни места на иднината“, рече Клингбаил.