
Француските власти одлучија да ги заострат безбедносните мерки по неколкудневните насилни протести што зафатија бројни градови. Премиерот Себастиен Лекорну нареди воведување делумен полициски час, додека опцијата за прогласување вонредна состојба останува на маса. Истовремено, високи претставници на француската влада упатија сериозни предупредувања во врска со можните обиди за дестабилизација на земјата пред претседателските избори.
По викендот одбележан со судири меѓу демонстрантите и полицијата, грабежи и уништување на јавен и приватен имот, француските власти најавија порешителни мерки за воспоставување јавен ред и мир.
Одлуката за воведување делумен полициски час беше донесена по состанокот на меѓуминистерскиот кризен комитет, на кој се разговараше за безбедносната состојба во земјата.
Како што појасни Лекорну, мерката ќе се однесува на централните делови на неколку француски градови погодени од насилни протести.
Според францускиот весник „Ле Фигаро“, премиерот најави дека конкретните детали за областите опфатени со овие ограничувања, како и времетраењето на истите, ќе бидат соопштени дополнително.
Истовремено, француската влада ја разгледува и можноста за воведување построги мерки.
Лекорну не ја исклучи можноста за прогласување вонредна состојба и активирање на членот 16 од францускиот Устав, наведувајќи дека таква одлука би можела да се донесе „доколку е потребно“.
Сепак, тој оцени дека, во сегашните околности, „полицискиот час е посоодветно решение“.
Тоа значи дека, засега, властите се одлучуваат за ограничени безбедносни мерки, додека можноста за посериозен одговор останува отворена. Изјавите на францускиот премиер во врска со можните политички мотиви на одредени групи што учествуваат во немирите, привлекоа посебно внимание.
Лекорну обвини едно „ултралевичарско движење“ дека се обидува да организира „широко распространети немири во земјата во пресрет на претседателските избори“.

Македонски

