Skip to main content

Европските берзи растат, Трамп го најави првиот договор

Freepik

Цените на акциите пораснаа на европските берзи во четврток во претпладневното тргување, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од пораката на американскиот претседател Доналд Трамп дека е постигнат првиот трговски договор.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции порасна за 0,3 отсто, надоместувајќи ги вчерашните загуби. Во исто време, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,07 отсто, на 8.565 поени, додека франкфуртскиот DAX се зголеми за 0,75 проценти, на 23.289 поени, а парискиот CAC за 0,40 отсто, на 7.657 поени.

Инвеститорите денеска ќе се фокусираат на редовниот состанок на гувернерите на британската централна банка, а се очекува намалување на каматната стапка од 0,25 процентни поени.

Инвеститорите од утрово беа охрабрени и од пораката на Трамп дека првиот трговски договор ќе биде објавен денес. Медиумите шпекулираат дека станува збор за Велика Британија. На почетокот од април, Трамп воведе реципрочни царини за увоз од речиси секоја земја во светот, а потоа ја задолжи владата да преговара со најголемите трговски партнери за царини и други трговски услови.

Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на акциите од Азиско-пацифичкиот регион порасна за 0,2 отсто. Во истиот пресек, цените на акциите во Австралија, Шангај, Јапонија, Јужна Кореја и Хонгконг се зголемија меѓу 0,2 и 0,4 отсто.

Цените на акциите на кинеските берзи најмногу пораснаа, благодарение на новите мерки за економски поттикнувања. Кинеската централна банка вчера ги намали клучните каматни стапки за 0,10 процентни поени, како и стапката на задолжителни резерви за банките, за да го стимулира кредитирањето. Покрај тоа, најавени се низа мерки за поддршка на пазарите на недвижности и капитал.

Азиските берзи го следат вчерашниот раст на Волстрит, каде што индексот Dow Jones порасна за 0,70 проценти, додека S&P 500 порасна за 0,43 проценти, а индексот Nasdaq порасна за 0,27 проценти.

Поврзани вести