
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, по повод Светскиот ден на слободата на медиумите – 3 мај, изјави дека слободните медиуми се најдобриот штит за демократијата и новинарите мора да бидат слободни да известуваат без страв од цензура, заплашување или одмазда.
Европскиот парламент секогаш ќе ги брани и ќе се залага за слободата на медиумите и новинарите – не само на Светскиот ден на слободата на медиумите, туку секој ден, нагласи Мецола.
Според потпретседател на Европскиот парламент и претседател на Работната група за спроведување на Европскиот закон за слобода на медиумите (ЕМФА), Сабине Верхајен, слободното, независно и плурално новинарство е од суштинско значење за секое демократско општество.
На Светскиот ден на слободата на медиумите, ја потврдуваме нашата посветеност на еден од основните столбови на демократијата: слободата на медиумите. Сепак, таа останува под закана, дури и во некои земји членки на ЕУ, а без неа, демократијата не може да функционира, рече Верхајен.
Таа потенцира дека Европскиот закон за слобода на медиумите (ЕМФА), донесен во април 2024 година, е од витално значење за справување со современите предизвици со кои се соочуваат медиумските работници и испраќа силна порака за потребата од заштита на медиумите и новинарската независност низ цела Европа.
Медиумите се повеќе од само индустрија – тие го обликуваат политичкиот дискурс, го поттикнуваат културниот развој, ја поттикнуваат општествената инклузивност и ги штитат основните права, истакна Верхајен.
Според неа, на овој Светски ден на слободата на медиумитезагрижувачките глобални трендови не потсетуваат дека рамнодушноста не е опција.
Дури и во Европа, мора да останеме будни во почитувањето на нашите демократски вредности. Слободата на медиумите е ‘рбетот на демократијата – нејзината одбрана значи заштита на нашите слободи и вредностите што ги цениме, додаде Верхајен.
Претседателка на Комитетот за култура и образование на ЕП, Нела Рил порача дека независниот медиумски сектор е суштински столб на демократија.
Слободните медиуми ни се потребни за да ја следиме одговорноста на носителите на одлуки, да ги унапредуваме општествените промени и да ги информираме граѓаните, додаде Рил.
Таа изрази загриженост поради драстичното зголемување на изложеноста на младите луѓе на вести од непроверени извори на социјалните медиуми и во такви услови квалитетното новинарство е принудено да се натпреварува со алгоритмите на платформите на социјалните медиуми.
Според неа, за да се минимизира ширењето на штетни дезинформации, покрај регулацијата на дигиталните платформи, треба да се подобри медиумската писменост и да се обезбеди дека луѓето имаат пристап до точни информации.
Во заедничка изјава по повод Светскиот ден на слободата на медиумите, претседателите на комитетите на ЕП за граѓански слободи, внатрешни работи и правда (ЛИБЕ), Хавиер Зарзалехос, за човекови права (ДРОИ), Мунир Сатури и за Европскиот демократски штит (ЕУДС), Натали Лоазо ја потврдуваат непоколеблива посветеност за заштита и промоција на слободата на медиумите, плурализмот и безбедноста на новинарите ширум светот.
Во контекст на алармантниот пораст на нападите и заканите врз новинарите, нашите комитети силно ги осудуваат сите обиди за поткопување на слободата на медиумите преку физичко насилство, произволно притворање, онлајн вознемирување, акти на заплашување или убиства. Слободата на медиумите, загарантирана во член 11 од Повелбата за основните права на ЕУ и член 10 од Европската конвенција за човекови права, е неотуѓиво право и камен темелник на европскиот проект, се вели во изјавата.
Тие посочуваат дека ЕУ мора да се спротивстави на неказнивоста и да ја осуди злоупотребата на законите за клевета и на технологиите за надзор и порастот на употребата на тенденциозни тужби за замолчување на новинарите.
Ваквите прекршувања мора да бидат истражени, а сторителите гонети од страна на надлежните национални и меѓународни судски органи, вклучително и Меѓународниот кривичен суд. Никогаш не смееме да ги затвораме очите пред злосторствата извршени против новинарите, посочуваат тројцата европратеници.
Според нив, особено се важни заштитата на новинарките, кои во нивната секојдневна работа честопати се соочуваат со родово базирано насилство, како и спротивставувањето на егзистенцијални закани по независноста на медиумите, кои ја загрозуваат самата структура на основните права.
Во овој контекст, нашите комитети ја потврдуваат својата силна верба во суштинската улога што ја играат новинарите како чувари на демократијата, спротивставувајќи се на ерозијата на демократските норми и фундаменталните слободи. Иста така, ја нагласуваме и потребата од заштита на медиумскиот плурализам и уредничката независност, кои се неопходни за здрав демократски дискурс. Силните демократии не можат да постојат без силен и независен печат. Комитетите ЛИБЕ, ДРОИ и ЕУДС се непоколебливи во својата посветеност да ја бранат слободата на медиумите, каде и да е под закана. Не само денес, туку секој ден, се додава во пораката.