Skip to main content

Еврокомисијата не се откажува од планот за укинување на Ковид фондот

Freepik

Европската комисија останува на планот следната година да биде укинат Инструментот за закрепнување и отпорност (РРФ) од Ковид пандемијата, вреден 650 милијарди, и покрај противењето на ваквата идеја на некои од поголемите земји членки на ЕУ, како Италија, Шпанија и Полска.

Според дипломатски извори, Еврокомисијата се очекува в среда да соопшти дека Инструментот ќе биде укинат во 2026 година, како и што е планирано, затоа што нема законски основи за негово продолжување.

Извори од ЕК посочуваат дека и покрај притисокот од некои земји, Правната служба на ЕУ ја отфрла можноста за продолжување на важноста на фондот, со образложените дека за такво нешто е потребна промена на законската регулатива за неговото создавање.

Но, за таквата промена неопходна согласност од сите членки на ЕУ, што е малку веројатно имајќи предвид дека дел земјите од северниот дел на Унијата, пред се Германија и Холандија, се противат на дополнителни трошоци со продолжување на важноста на РРФ.

Согласно регулативата за создавање на Инструментот, земјите членки на ЕУ имаат право да поднесуваат барања за исплата на средства од РРФ до 31 август 2026 година, кои би требало да им бидат исплатени најдоцна до 31 декември следната година.

Во вакви услови, некои од земјите членки на ЕУ се обидуваат максимално да ги искористат преостанатите бесплатни грантови од фондот, кој беше создаден во 2021 година за финансиска поддршка на закрепнувањето на Европа по Ковид пандемијата за период од пет години.

Средствата од РРФ беа исплаќани во замена за исполнување на одредени барања и цели, но бидејќи дел од земјите не успеваа да ги остварат во предвидените рокови, исплатите на средствата од Фондот за нив доцнеа, па така од предвидените 648 милијарди евра, досега во форма на грантови и заеми се исплатени околу 315 милијарди евра.

За тоа неисполнување на поставените цели, во голема мерка вината се припишува на енергетската криза и растот на инфлацијата, предизвикани од руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.

Во пресрет на истекот на важноста на Инструментот, ЕК им препорача на земјите членки да ги изменат и прилагодат своите планирани цели, за да можат максимално да ги искористат преостанатите средства од РРФ.

Земјите членки треба под итно да ги преразгледаат своите планови и да ги отстранат оние мерки што се неизводливи, изјави неодамна комесарот за економија и продуктивност Валдис Домбровскис, кој е задолжен за контрола на Инструментот.

Соочени со реалниот ризик од губење на средствата, некои земји почнаа да смислуваат „иновативни решенија“ за да обезбедат исплата на пари пред згаснувањето на фондот. Така, Полска реши да ги пренамени средствата за кредити за зелени проекти за финансирање на иницијативи поврзани со одбраната, за што ЕК веќе и одобри 6 милијарди евра. Иако овие средства не може да се користат за купување оружје и одбранбена опрема, сепак можат да се употребат за проекти за „двојна“, цивилна и воена, намена.

Со ваквата „отстапка“, Еврокомисијата на некој начин им излегува во пресрет на земјите членки, кои изминативе години често се жалеа дека сложените правила на Брисел ги забавуваат исплатите. Според дипломатски извори, во обид да ја докаже успешноста на својата програма, Комисијата би можела да биде пофлексибилна во одобрувањето на финансиите и да дозволи исплата на што е можно поголем дел од средствата од Инструментот пред неговото згаснување.

Поврзани вести