
Комитетот за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите на Европскиот парламент денеска со 32 гласа „за“, пет „против“ и девет „воздржани“ усвои Извештај со кои се прилагаат мерки за овозможување побезбедни онлајн услуги за малолетниците
Дигиталните услуги треба да се спроведуваат брзо и да се забранат штетни практики, како што се дизајни што предизвикува зависност и функции слични на коцкање во игрите, со цел да се заштитат малолетниците, се наведува во Извештајот.
Во документот европратениците „изразуваат загриженост поради неуспехот на главните онлајн платформи“ соодветно да ги заштитат малолетниците и предупредуваат на ризиците поврзани со зависноста, менталното здравје и изложеноста на младите на илегални и штетни содржини.
Пратениците предлагаат минимална возраст од 16 години за можност за пристап до социјалните медиуми, платформите за споделување видеа и програмите со вештачка интелигенција, освен ако не се добие одобрување за тоа од родител или старател, како и минимална возраст од 13 години за пристап до кој било социјален медиум.
Во текстот се поддржуваат напорите за развој на системи за проверка на возраста, при што се нагласува потребата за воспоставување на механизми за заштита на приватноста и почитување на правата на децата.
Со Извештајот се повикува Европската комисијата целосно да ги искористи механизмите предвидени со Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА), вклучително и со изрекување казни или забрана на веб страници или апликации што ги загрозуваат малолетниците.
Европратениците бараат воведување лична одговорност за вишиот менаџмент на онлајн платформите во случаи на сериозни и постојани прекршувања на одредбите за заштита на малолетниците, забрана на алгоритмите за препораки насочени кон малолетни лица и оневозможување на пристап на малолетници до игри со елементи на коцкање.
Исто така, се предлага и забрана за давање финансиски или материјални стимулации на децата, како и надминување на „етичките и правните предизвици“ што произлегуваат од апликациите управувани од вештачка интелигенција што овозможуваат генерирање на манипулирани слики од поединци без нивна согласност.
Со Извештајот се предлага и во рамките на идниот Закон за дигитална праведност да се регулираат и прашањата со онлајн емитување и автоматско пуштање реклами, со функционирањето на т.н. дизајни што предизвикуваат зависност, како и справување со штетните практики за поттикнување на малолетниците подолго време да минуваат онлајн и да трошат средства.
Според известувачката по Извештајот, данската европратеничка Кристел Шалдемозе, документот јасно ја наведува потребата од зголемена онлајн заштита на малолетниците во два аспекта.
Прво, ни треба повисока граница за пристап до социјалните медиуми, поради што предлагаме минимална возраст од 16 години во цела ЕУ и второ, ни требаат посилни заштитни мерки за малолетниците кои користат онлајн услуги, рече Шалдемозе.
Таа истакна дека Извештајот повикува на овозможување задолжителна безбедност и на забрана на најштетните механизми за привлекување на малолетници.
Горда сум што Парламентот го презема овој прогресивен чекор за да го зголеми нивото на заштита на малолетниците, додаде данската европратеничка.
Европратениците би требало дебатираат по Извештајот и да гласаат за негово усвојување на пленарната седница предвидена за од 24 до 27 ноември.