
Полскиот претседател Анджеј Дуда по средбата со својот американски колега Доналд Трамп, соопшти дека тој му потврдил дека ќе ја посети Полска. Дуда додаде дека Трамп му потврдил дека планира да го зголеми присуството на американската војска во земјата.
Дуда се сретна со американскиот претседател на маргините на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците (ЦПАЦ) која се одржа во Националниот конгресен центар Гејлорд во близина на Вашингтон.
Дуда на новинарите по средбата им изјавил дека го поканил Трамп во Полска.
Тој ми кажа дека ќе ја посети Полска. Техничко прашање е да се утврди во кој момент, дали тоа ќе биде посета што ќе биде поврзана со Самитот на иницијативата „Три мориња“ или посета што ќе биде поврзана со претстојниот Самит на НАТО во Хаг, изјави Дуда.
Белата куќа претходно соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп се сретнал со полскиот претседател и го потврдил блискиот сојуз меѓу двете земји.
Претседателот Трамп се состана со полскиот претседател Анджеј Дуда и го потврди блискиот сојуз. Претседателот Трамп, исто така, го пофали претседателот Дуда за посветеноста на Полска за зголемување на трошоците за одбрана, соопшти Белата куќа на X.
Разговорот, кој траел помалку од 10 минути, почнал со еден час доцнење без присуство на медиуми или воведни изјави.