
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за американскиот портал „Аксиос“ истакна дека продолжениот конфликт во Иран би можел да биде „многу корисен“ за Русија, а штетен за Украина.
Тој посочи дека руската економија добива поттик од зголемувањето на цените на нафтата и ублажувањето на санкциите на САД, додека Украина од друга страна би можела да се соочи со недостиг од пресретнувачи на воздушна одбрана како и друго клучно оружје.
Зеленски во својата изјава за порталот нагласил дека Украина споделила разузнавачки информации со лидерите од Блискиот Исток за руската помош за Иран, вклучително и потенцијална поддршка за таргетирање на американските и сојузничките воени бази.
Украинскиот претседател посочил дека, според неговите сознанија, Русија директно го поддржува Иран, вклучително и преку споделување сателитски снимки и оперативно искуство од војната во Украина.
„Убеден сум дека Русија сака долга војна. Тие имаат придобивки од тоа. САД се фокусираат на Блискиот Исток и можат да ја намалат воената помош за Украина. Санкциите се делумно укинати. Гледам единствно придобивки за Русија од продолжувањето на војната со Иран“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател, исто така, изрази загриженост за ослободувањето на САД од санкциите за руската нафта, што, според него, дополнително ја зајакнува Москва во сегашната енергетска криза.
За време на неодамнешното патување на Блискиот Исток, како што наведува порталот Зеленски разговарал со лидерите на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар и Јордан за можна украинска безбедносна помош, додека посетата на Израел не беше остварена.
Зеленски, исто така, предупреди на можен притисок од американската администрација по завршувањето на конфликтот во Иран, истакнувајќи дека Киев би можел да биде принуден да направи територијални отстапки за да се стави крај на војната, што, како што појасни тој, претставува вистински ризик за безбедноста на Украина.
„Тие сакаат да ја завршат војната. Мојата загриженост е што гледаат само еден начин да го сторат тоа. Сигурен сум дека претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп и неговиот тим сакаат да ја завршат војната. Но, зошто ние мора да плаќаме за ова? Ние не сме агресори. Тие не гледаат друг начин да го запрат Путин освен да ги повлечат украинските трупи од нашата територија. Мојата загриженост е што никој навистина не ја цени опасноста од таква одлука за нашата безбедност – посочил Зеленски.

Македонски



