Skip to main content

Бугарија се бори со невремето за да спаси екипаж од танкер оштетен од дрон во Црното Море

Танкерот „Каирос“ (Kairos), кој беше оштетен во украински напад со дронови на 28 ноември во ексклузивната економска зона на Турција, една недела подоцна се најде во близина на бугарскиот брег, каде екипажот побара итно спасување поради невреме.

Според руски и бугарски медиуми, пловилото рано утрото на 5 декември влегло во територијалните води на Бугарија, но првично не реагирало на повиците на тамошните власти.

Бугарската Агенција за поморска администрација соопшти дека подоцна во текот на вечерта екипажот од десет морнари упатил барање за евакуација. Неповолните временски услови – силни североисточни ветрови со удари над 15 м/с и бранови до 4 степени – значително ги забавуваат спасувачките операции.

Оштетувањето на „Каирос“ беше пријавено вечерта на 28 ноември. Руски и бугарски медиуми наведуваат дека врз бродот е изведен напад со поморски дронови „Си Бејби“ (Sea Baby), кои ги користи украинската Служба за безбедност. Си-Ен-Ен оцени дека нападот е дел од поширока кампања против танкери поврзани со руската „флота во сенка“.

Неколку часа подоцна беше нападнат и танкерот „Вират“, на 35 наутички милји од турскиот брег, а нов удар следеше утрото на 29 ноември. Според податоците на Marine Traffic и бугарската телевизија БНТ, и двата брода пловат под трговско знаме на Гамбија и се на листите за санкции на ЕУ и Велика Британија поради транспорт на руска нафта. „Блумберг“ потврди дека „Каирос“ е под санкции на Брисел и Лондон.

На 3 декември дронови го погодија и рускиот танкер „Мидволга“, кој превезувал сончогледово масло за Грузија. На него имало 13 членови на екипажот, без повредени.

Според бугарскиот портал Maritime.bg, танкерот до бугарските води го влечел турски влекач, кој подоцна го напуштил во близина на територијалната граница. Пловилото останало без погон, изложено на силни ветрови, и почнало неконтролирано да се придвижува кон брегот.

Бугарски експерти наведуваат дека бродот се наоѓал во релативно безбедна зона — на околу 20 метри длабочина и над карпесто дно — што овозможило закотвување и го намалило ризикот од насукување. Танкерот бил закотвен на околу стотина метри од брегот.

Властите нагласуваат дека не постои опасност од истекување нафта, бидејќи „Каирос“ не превезувал сурова нафта.

Бугарското Министерство за транспорт соопшти дека во операцијата учествуваат Агенцијата за поморска администрација, Дирекцијата на граничната полиција и Бугарската морнарица

Два влекачи се подготвени да пристапат кон танкерот, но високите бранови и силните ветрови го отежнуваат маневарот. Хеликоптер на Морнарицата и пловила на граничната полиција постојано ја надгледуваат состојбата. Специјализиран тим за интервенции на море е во приправност да се качи на бродот веднаш штом ќе се подобрат временските услови.

На морнарите им е доставена заштитна опрема, а во Бургас функционира кризен центар за следење на состојбата.

Поврзани вести