
– Во рамки на дивата депонија Вардариште, за жал, живеат над 200 луѓе. Станува збор за проблем што го има многу години наназад, а за негово трајно решавање потребен е системски, темелен и мултиинституционален пристап, што за жал, не може да се направи за недела, месец – два, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Одговарајќи на новинарски прашања по јавното уништување на запленети наркотични дроги и оружје во кругот на фабриката „Макстил“, Тошковски, во однос на пожарот во Вардариште и дали се планира 24-часовна контрола на локацијата, рече дека ова е проблем што е таложен со години и дека додека не се реши што ќе се прави со тие луѓе каде да се дислоцираат и како да им се помогне, овој проблем ќе се јавува.
-Во рамки на дивата депонија Вардариште, за жал, живеат негде над 200 луѓе. Замислете, во депонијата, среде депонија живеат 200 луѓе. Тоа е страшно од секој аспект. Индициите се дека потпалувањата, кои што ги имаме таму се сторени од мал дел од тие луѓе што живеат таму. Но, ние не можеме да го ограничиме правото на пристап до живеалиште, кое што го имаат. Не можеме да спречиме тие луѓе да влегуваат и излегуваат од овој периметар што го имаат. Овој проблем е таложен со години и не можеме да го решиме преку ноќ. Таму треба системско решение, на тие луѓе треба да им се најде соодвтено место на живеење, да бидат дислоцирани од таму. Тој простор треба соодветно да се исчисти, тој отпад од таму да се подигне и однесе на друга соодветна локација за дислоцирање на таков тип на отпад, па потоа соодветно да се стави во рамки на оние надлежности кои што треба да биде ставен, а тоа не е надлежност на МВР, изјави Тошковски.