Skip to main content

Советот на родители од ООУ „Лазо Ангеловски“ одлучи: Учениците остануваат дома, наставата ќе продолжи само ако се најде решение

Советот на родители од основното училиште „Лазо Ангеловски“ вечерва донесе одлука за целосен бојкот на наставата почнувајќи од утре, 5 декември 2024 година, како последен чекор во обид да се реши проблемот со насилниот ученик од трето одделение.

Согласно донесената одлука апелираме како совет утре сите ученици да останат дома и да им дадеме можност на надлежните да изнајдат решение за проблемот со кој се соочуваме а од кое ќе бидеме сите задоволни и ќе ги пуштиме нашите деца на настава без притоа да се грижиме дека истите безбедно ќе се вратат дома. Одлуката за бојкот се однесува за 5.12.2024 година – четврток и важи за сите одделенија од 1-во до 9-то. Во текот на утрешниот ден, допопнително преку преставниците, ќе биде споделена информација до сите вас за преземените чекори кои ќе се однесуваат на периодот кој следи“, се вели во заклучокот на Советот.

Во соопштението од Советот се наведува дека училиштето и родителите веќе три години бараат поддршка од надлежните институции за решавање на случајот, но досега не е изнајдено соодветно решение.

Секое дете има право на образование, но ништо и никој не смее да го наруши образовниот процес. Бојкотот е последниот чекор кој го преземаме за да ја алармираме јавноста и да ги повикаме релевантните институции да бидат партнери во решавањето на овој проблем, изјавија од Советот.

Родителите бараат учениците да останат дома додека се чекаат насоки од Министерството за образование, кое за утре закажа состанок со формирана комисија за разгледување на случајот. Од Советот истакнуваат дека бојкотот важи за сите одделенија од прво до деветто.

Проблемот ескалираше откако училиштето „11 Октомври“ одби да го прими ученикот поради притисок од родителите на учениците, а истиот останува запишан во „Лазо Ангеловски“. Според препораките на социјалните служби, ученикот треба да ја смени средината, но засега нема конкретна одлука.

Наставата ќе продолжи само откако ќе се изнајде решение кое ќе гарантира безбедност за сите ученици, истакнуваат родителите.

Поврзани вести