
Во присуство на голем број сограѓани и поддржувачи, претседателот на Демократските сили на Ромите (ДСР), д-р Шабан Салиу, вчера вечер ја промовираше својата кандидатура за градоначалник на општина Шуто Оризари.
Стојам тука пред вас исполнет со гордост и благодарност. Шуто Оризари е единствената општина во светот водена од ромската заедница, место каде секој камен шепоти приказни за нашата историја, култура и непокорен дух. Денес заеднички носиме одлука за нашата иднина, за чесно и одговорно управување со нашата општина,“ порача Салиу во неговиот говор пред жителите на општина Шуто Оризари.
Во своето обраќање, тој ја претстави својата политичка визија и програма за модерна, функционална и достоинствена општина. Салиу најави дека приоритет ќе биде изградба на инфраструктура која ќе донесе квалитетен живот за сите жители, како што се асфалтирани улици до секој дом, проширен водовод и канализација, LED осветлување и безбедни пешачки патеки, како и нови социјални станови за семејствата што долго чекаат покрив над глава.
Посебно внимание ќе биде посветено на образованието и културата преку изградба на модерно основно училиште, поддршка на културните институции и создавање услови младите да ја носат ромската традиција во срцето, а знаењето да го градат според најсовремените методи“, истакна Салиу.
Салиу ја нагласи и важноста на здравјето и социјалната грижа за жителите на оваа скопска општина, притоа најавувајќи формирање на мобилен здравствен тим, целосна обнова на амбулантата, изградба на дом за повозрасни и формирање на Фонд за поддршка на ранливите семејства.
Шуто Оризари ќе стане општина на можности, со изградба на фабрики, отворање на стотици работни места, поддршка на младите претприемачи и развој на пазар за занаетчиски и културни производи што ќе ја направат општината атрактивна и надвор од нејзините граници“, рече кандидатот за градоначалник и претседател на ДСР, д-р Шабан Салиу.
Тој, исто така, нагласи дека здравата животната средина и транспортот ќе бидат дел од клучните точки во неговата програма, притоа најавувајќи изградба на фабрика за преработка на отпад, редовен автобуски превоз со еколошки возила, нови паркови и зелени површини.
Државните институции ќе бидат донесени во самата општина, со што ќе се скрати времето за административни услуги, а граѓаните ќе имаат пристап до бесплатна правна помош“, рече Салиу и додаде дека безбедноста и спортот ќе бидат засилени со реконструкција на стадионот, изградба на нова противпожарна станица и младински програми кои ќе градат тимски дух.
„Оваа визија не е само моја, таа е и ваша. Со заеднички напор, со доверба и љубов кон нашата општина, ние ќе го направиме Шуто Оризари светол пример во Македонија и пошироко. Овој избор е можност да се засили гласот на ромската заедница и да се покаже дека заедно можеме да го обликуваме нашиот сопствен пат кон просперитет,“ порача д-р Шабан Салиу пред жителите на Шуто Оризари.