Mалолетници синоќа повторно се однесувале вандалски во населбата Капиштец. Група малолетници кршеле шишиња, фрлале петарди и предизвикувале тепачки, со што директно го загрозуваат јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните.
„Ова не е изолиран инцидент, туку континуиран проблем кој бара итна реакција. Како одговорни граѓани, веќе поднесовме пријава до надлежните институции и апелираме до Министерството за внатрешни работи веднаш да преземе мерки за справување со овие недолични активности и да поведе детална истрага”, вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Очекува брза и ефикасна реакција со цел да се спречи некоја поголема трагедија. И претходно, млади лица уништуваа урбана опрема, а потоа обија и возеа багер.
Поради тоа, Општина Центар поднесе иницијатива до ЗЕЛС со која бара под итно да се донесат законски измени со цел да се спречи понатамошна ескалација на вандализмот. Во иницијатива од ЗЕЛС се бара да ја достави иницијативата до сите надлежни институции, Влада, МВР, Министерство за труд и социјална политика, Центрите за социјална работа, Министерство за правда, МОН, Служби за пробација, надлежните судови, НВО за да се формира работна група од која ќе произлезат законски измени за оваа негативна општествена појава.
– Бараме под итно сите надлежни да седнат на иста маса. Мораме заедно да ги разгледаме сите можности за законски и други начини како да се справиме со вандализимот на малолетните лица кои се почесто предизвикуваат инциденти со кои се нарушува безбедноста – истакнал Герасимовски.
Општина Центар предлага законски измени не само во делот на зголемување на казните за оштетување урбана опрема, туку и воведување општествено одговорна работа каде што би се вклучиле и децата и родителите за да се подигне свеста за оваа појава.