
Двата недовршени објекта кај Ректоратот, спроти ТЦ „Мавровка“ во Скопје, чие градење е стопирано повеќе од една деценија, конечно ќе се доградуваат, откако ќе биде избран проектант, а потоа и изведувач на градежните работи.
Од Министерство за образование и наука информираат дека во петокот истече рокот за пријавување на тендерот за изработка на нови проекти за доградба, кој беше објавен кон крајот на 2025 година.
Повикот за понуди се темели на стручна анализа за актуелната состојба на недовршените објекти, како и на потребите на нивните идни корисници. Од МОН појаснуваат дека во меѓувреме се промениле и градежните стандарди и просторните потреби, поради што е донесена одлука двата објекта да ги користи исклучиво Факултет за информатички технологии и компјутерско инженерство.
Првично, еден од објектите беше наменет за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, но анализите покажале дека ниту една од двете згради поединечно не може да ги задоволи потребите на двата факултета. За овој факултет, од МОН најавуваат изградба на нов објект на сегашната локација.
Стручната анализа, која претходеше на тендерската постапка, ја изработи работна група координирана од проф. д-р Горан Марковски од Градежниот факултет, во која учествуваа експерти од ФЕИТ, Машинскиот и Архитектонскиот факултет, како и од Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.
Во изјава за МИА, проф. Марковски посочи дека објектите, со вкупна површина од 22.753 квадратни метри, ќе го задржат постојниот габарит и нема да добијат барокна фасада.
„Предвидено е прераспоредување на внатрешните простории и целосна модернизација на инсталациите за греење и информатичка инфраструктура. Двата објекта ќе бидат подземно поврзани со паркиралиште и ќе имаат топла врска, бидејќи ќе служат за еден факултет“, изјави Марковски, додавајќи дека проектната задача е обемна и дека идните проектанти ќе имаат слобода во рамки на стручните насоки.
При увидот во состојбата, експертите утврдиле силна карбонизација на бетонот, што, според Марковски, укажува на високо ниво на загадување во овој дел од Скопје. Процесот е резултат на долготрајна изложеност на влага и зголемени концентрации на јаглерод диоксид и може да доведе до корозија на арматурата, иако засега конструкцијата е оценета како стабилна. Новото проектирање, кое се очекува да трае до есен, ќе вклучи и мерки за заштита на загрозените делови.
Динамиката на доградбата ќе зависи од обезбедените буџетски средства. Од МОН изразуваат надеж дека до крајот на годината ќе биде распишан и тендер за избор на изведувач, со што би се ставила точка на еден од најдолготрајните инфраструктурни застои во високото образование во земјава.

Македонски



