Skip to main content

Испразнети рафтовите со флаширана вода во Скопје – паника во Скопје по лажна порака за наводна ешерихија коли во водата

Порака која утрово масовно се споделува меѓу скопјани предизвика вознемиреност и лажна паника дека водата за пиење во Скопје не е безбедна. Во дел од маркетите и продавниците веќе има зголемена побарувачка, а рафтовите со флаширана вода се празнат поради стравувањата кај граѓаните.

-Од утрово се купува само вода. Залиихите ги потрошивме. Не успеавме ни за нас вработените да зачуваме. Не ни беше јасно што се случува. Од муштерии дознавме дека наводно водата од чешма е загадена – вели вработена на каса во еден од скопските маркети.

И добавувачите на вода велат дека денеска е хаос. Постојано добиваат повици од маркети и дуќанџии за нови количини на вода.

Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информираа дека водата од водоснабдителниот систем на градот е здравствено исправна и безбедна за употреба.

Според податоците од санитарниот мониторинг, на 11 август биле земени 42 примероци од водоводната мрежа во Скопје, од кои четири од бунарскиот потег Нерези–Лепенец. На примероците биле извршени физичко-хемиски и микробиолошки анализи во акредитирани лаборатории.

Сите испитани примероци од водоснабдителниот систем на град Скопје одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, односно според објавените резултати водата ги исполнува пропишаните стандарди.

И покрај тоа, пораката што денеска кружи на социјалните мрежи и во групи за комуникација предизвика страв кај граѓаните, поради што дел од нив масовно купуваат флаширана вода.

За 14 часот најавена е прес-конференција на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на која се очекуваат повеќе информации за случајот. Се очекува и официјално појаснување од Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ дали има каква било промена во резултатите од испитувањата.

До објавувањето на официјалните информации останува нејасно кој ја испратил и кој стои зад пораката која предизвика паника меѓу скопјани.

Во меѓувреме, граѓаните во маркетите купуваат флаширана вода, а во дел од продавниците веќе се забележуваат испразнети рафтови.

Поврзани вести