
Малолетник со тешки повреди заврши во Ургентниот центар во Скопје откако врз него падна огромна гранка од труло дрво. Несреќата се случила попладнево позади трговскиот центар Лептокарија во Општина Карпош.
Детето се здобило со повреди во градниот кош и фрактура на ногата, ним потврдија од Ургентниот центар.
Од Општина Карпош велат дека станува збор старо и труло дрво кое веќе било обележано за сечење, но одговорните ЈП паркови и зеленило подолго време не презеле никакви активности. За жал, неодговорноста зема данок, и тоа данок кој директно го загрозува човечкото здравје, реагираа општинските власти.
„Иронијата да биде поголема, инцидентот се случува само на 5 метри од пунктот на ЈП „Паркови и зеленило“ кое е должно, согласно Законот за локална самоуправа, да го исече ова дотраено дрво. Одговорноста на „Паркови и зеленило“ е уште поголема зошто истото дрво било обележано и тоа подолго време за сечење, меѓутоа, како и во стотици други случаи јавното претпријатие и Градот Скопје остануваат глуви на барањата на Општина Карпош и на граѓаните, велат од Општина Карпош.
За обвинувањата на Општина Карпош од град Скопје не добивме одговор, како ниту за тоа кога ќе се справат со овие дрвја.
Недоволната грижа за зеленилото во градот неретко при поголеми ветрови предизвикуваа и материјални штети, па гранки но и цели дрвја завршуваат врз возила и објекти.