
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, преку објава на „Фејсбук“, соопшти дека со ребалансот на буџетот на градот обезбедени се средства за изградба на две целосно нови средни училишта – „Кочо Рацин“ во општина Ѓорче Петров и „Браќа Миладиновци“ во Драчево, општина Кисела Вода.
Двете училишта ќе ги градиме со сопствени средства на Град Скопје! Предолго учениците во овие училишта се образоваа во крајно несоодветни услови. Предолго наставниците пренесуваа знаење во простории што не одговараат на потребите на современото образование. Затоа, преземаме обврска да изградиме целосно нови училишта, достојни за нашите деца и за нивните наставници! Ова го ветив во мојата предизборна програма. За неполна година од мојот мандат, со обезбедувањето средства го правиме клучниот чекор кон исполнување на дадениот збор! – пишува Ѓорѓиевски во објавата.
Ѓорѓиевски посочува дека и досега е вложено во образованието преку опрема, подобри услови за учениците и наставниците.
Да изградиш училиште значи да им дадеш простор на илјадници соништа. Да создадеш услови во кои знаењето ќе расте, талентот ќе се развива, а секое дете ќе има можност да го покаже најдоброто од себе. Во тие училници ќе се образоваат генерациите што утре ќе го градат и унапредуваат нашиот град, вели Ѓорѓиевски најавувајќи дека и понатаму градот ќе вложува во младите.

Македонски




