
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари средба со угостителите од општина Карпош, заедно со кандидатот за градоначалник на општината, Сотир Лукровски.
На средбата се разговараше отворено за предизвиците со кои се соочува угостителскиот сектор, како и за можностите за негов развој. Ѓорѓиевски нагласи дека угостителите се „моторот на градската економија и дел од пулсот на Скопје“, додавајќи дека ќе ја имаат неговата целосна поддршка.
Секоја идна одлука ќе биде резултат на заемен дијалог, разбирање и интерес за сите засегнати страни. Нашиот град заслужува да биде полн со енергија, младост и креативност, а тоа е возможно само со силна поддршка и партнерство со угостителите – изјави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека во неговиот кабинет во Град Скопје ќе биде назначен посебен советник за угостителство, избран од самите угостители, кој ќе биде мост меѓу нив и градската администрација.
Заедно ќе градиме политики и решенија за подобар ноќен живот и посилна угостителска сцена – додаде Ѓорѓиевски, изразувајќи благодарност за конструктивната дебата и поддршката од присутните.