
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вчера се сретна со жителите на Маџир маало во рамки на караванот „Се гледаме во маало“, каде што секое пладне, Герасимовски заедно со тимот од општинската администрација, разговара со граѓаните на терен, директно во нивните маала.
Како што велат од општината, жителите на Маџир маало ја поздравиле досегашната работа на градоначалникот, особено истакнувајќи ја интервенцијата на Општина Центар во почетокот на годинава, кога нивната населба беше оставена преплавена со смет поради негрижата на Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“. Тогаш, вредните хигиеничари од општината секојдневно чистеа во две смени, сѐ со цел одржување на јавната чистота и достоинството на жителите.
Веќе почнуваме со реализација на барањата што произлегуваат од центарци. Ниту еден градоначалник не смее да оди кај граѓаните, да вети нешто и потоа да исчезне и да се појави повторно само пред избори. Работиме да надминеме одредени предизвици со кои се соочуваат жителите и уште летово да ја завршиме таа работа. Вистинската работа се гледа секој ден, на улица, во маало, а не на билборд. Во еден мандат ја изградивме од темел најубава градинка во целата држава кадешто се згрижуваат деца од населбите Пролет и Маџир маало. Во моментов се реконструира спортската сала „Работнички“ којашто беше со децении оставена да се распаѓа. Работиме посветено, домаќински и транспарентно“, рече Герасимовски.
Караванот „Се гледаме во маало“ продолжува и во следните денови со секојдневни посети во различни населби од Општина Центар, со цел заедничко планирање на локалниот развој, директна комуникација и градење на транспарентна и отчетна локална власт.