
„Актуелната градоначалничка направи една коалиција во Советот со којшто соработува, со нејзините партнери, коишто назначуваат директори на институциите и јавните претпријатија, тие се генерално или од делот на градоначалничката или се од ДУИ или се директори поставени од Левица во културните институции во градот. И таа коалиција да речеме, еве сега и СДС им помага, ги релативизираат работите, и помагаат на градоначалничката да глуми жртва“, рече во своето излагање, носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во град Скопје, професорот Даме Димитровски.
Тој истакна дека Советот имаше контролна улога, која добро си ја работеле, а во делот на негласањето за набавка на нови автобуси, Димитровски го изнесе своето мислење дека советниците требале да имаат увид во набавката, а не без да знаат каде одат парите на скопјани.
„Советот имаше улога контролна, каква што треба да има улога и ако ме прашувате за автобусите, веднаш ќе ви кажам. Не може на барањето дајте ми пари за да купам автобуси, Советот да одговори нема проблем еве веднаш. Ова е Совет којшто располага со парите на граѓаните. Со парите на граѓаните мора да се располага одговорно, а колку што јас имам информации, немало доволно информации во врска со оваа набавка“, појасни Димитровски.
Носителот на советничката листа, се осврна на нападите за некакви прстиња во мед, каде што појасни дека доколку имало некаков криминал, СДС немаше да го остави тоа така, туку веднаш ќе постапеле на нивен познат начин.
„Доколку имаше некаква случка поврзана со некакви си рачиња во медот, поврзана со криминал за директорот којшто го водеше Водовод, СДС беше на власт, градоначалничката е на власт и тие ја поддржуваат генерално, досега ќе имаше тужба, ќе имаше некаков судски епилог, ќе имаше каква било постапка којашто ќе ја поведоа, но тие не поведоа ништо и човекот што го водеше Водовод се повлече тогаш со чист образ“, заклучи Димитровски.