
Ова не е само политичка промена. Ова е промена на животите, на надежта, на нашата заедничка иднина. На овие избори одиме со програма која е Вистинскиот избор за вашите општини. Настапуваме со кадри кои се вистинскиот избор за развој на општините. Скопје ќе има одличен тим на одговорни, посветени и, пред сè, чесни луѓе. Ги познавам многу добро и знам колку енергија ќе дадат. И Боби за Гази Баба, Дарко за Бутел, Аце за Ѓорче Петров, Сотир за Карпош, Јане за Сопиште, Ерзан за Шуто Оризари, Бети за Кисела Вода. Допрва доаѓа најдоброто за скопјани, затоа што знам за какви луѓе се работи – со интегритет и жилави работници, истакна лидерот на ВМРО-ДПННЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во салата „Јане Сандански.
И тие ќе бидат одличен тим со Орце Ѓоргиевски, кој ќе има тешка задача да ги исправи работите во главниот град. Затоа што на луѓето им е преку глава веќе од препукувања и дневна политика – и затоа што, за првпат, Скопје ќе добие прво човек, а потоа градоначалник, убеден е Мицкоски.

Во градот каде што секојдневието се мери со утринската гужва, со борбата за паркинг, со прашината во воздухот и со тивките грижи кои ретко се кажуваат – Скопје бара повеќе од градоначалник. Бара човек. Човек кој знае дека пред секоја одлука стои нечија судбина; дека зад секој број има вистински живот; и дека секоја улица е пат што носи некого дома. Човек кој не гледа на мандатот како на личен трофеј, туку како на доверба што секој ден мора да ја заслужи повторно.
Го познавате – од времето кога беше во Кисела Вода. Не од билборди, не од бучни говори, туку од делата: од новите улици, од чистите паркови, од осветлените маала. Од промените што се гледаат, но и од оние што се чувствуваат – безбедноста, редот, надежта дека може подобро.
Сега, Скопје е пред избор. Избор да продолжиме по патот на луѓето кои прво служат, а потоа владеат. Избор да кажеме дека сакаме град што ќе расте со нас, а не на наш грб, објасни Мицкоски.

Не ветуваме чуда преку ноќ. Состојбата не е лесна – сите тоа го знаеме. Но најтешкото е веќе зад нас – ја имаме волјата, ја имаме довербата и веќе ги поставуваме темелите. Темели на улици што ќе траат, на системи што ќе работат, на институции што ќе служат. Темели на ново време во кое нема да се прашуваме дали можеме подобро – туку ќе го живееме тоа „подобро“.
Затоа што вистинската промена не почнува од зградите, патиштата и мостовите – туку од луѓето што ги градат. Од човекот кој ќе застане пред вас, со лице и со збор што вреди.
Првата задача на Орце ќе биде да го исчисти главниот град од депониите и ѓубрето што сега се прелева на секое ќоше. Втората задача ќе биде да го среди сообраќајниот хаос – преку нови булевари и квалитетен и функционален јавен превоз. Потоа мора да се работи на почист воздух и зелен град, каде ќе има хуман третман и решавање на проблемот со кучињата-скитници; каде ќе се инвестира во културата и развојот; ќе се врати и блесне сјајот на Универзалната сала; ќе се модернизираат и средат постојните плоштади и ќе има нова урбана опрема. Ќе се врати сјајот и ликот на старите маала и ќе се врати духот на нашето Скопје. За ова ќе работат и новите советници сега предложенио на градската советничка листа предводена од професорот Даме Димитровски, спој на знаење, енергија, искуство и чесност.
Одиме со трпелива работа, со чесна намера и со љубов кон градот кој е наш дом – заедно со централната власт. И кога ќе поминат години, кога ќе погледнеме наназад, ќе знаеме дека ова било времето кога Скопје почнало да се менува – не со едно ветување, туку со илјадници мали дела.
Ова е нашата шанса: шанса да го направиме Скопје град на кој ќе му се восхитуваат – со модерна инфраструктура, чист воздух, зелени површини, културна сцена и економија што ќе ги задржи младите овде. Шанса да оставиме наследство за кое ќе бидеме горди.
Затоа што најголемата титула не е „градоначалник“. Најголемата титула е – човек. И кога човекот е вистински, градоначалникот ќе биде вистински.
Ајде, Скопје, да го направиме да се гордее. Да победува; да го вратиме сјајот и жарот за нови победи на Скопје. Заедно и силно. Да се направи Вистинскиот избор. Скопје да го обоиме во црвено-жолтата боја – за заедничкиот напредок.