
Koалицијата ВЛЕН реагира дека измените на Кривичниот законик, донесени со европско знаменце од страна на тогашниот владин двоец ДУИ–СДСМ, не биле во интерес на европските интеграции, туку претставувале политичка алатка за заштита на Никола Груевски, Сашо Мијалков и структури поврзани со поранешната власт.
Од ВЛЕН обвинуваат дека зад формалното образложение за „усогласување со европските стандарди“ се криела намерата да се намалат одговорностите за коруптивни и злоупотребувачки практики, што денес, како што велат, ја чини целата држава. Според коалицијата, овие измени не донеле европски стандарди, туку практична амнестија за сериозни прекршувања и длабока ерозија на владеењето на правото.
„Овој процес беше потпишан од ДУИ во име на Албанците, а всушност беше во интерес на политички елити кои со години ја ограбуваа и државата и граѓаните“, порачуваат од ВЛЕН, нагласувајќи дека државата има потреба од вистинска, а не селективна правда.
Коалицијата истакнува дека изработката на нов Кривичен законик мора да биде резултат на детална анализа, професионално усогласување и вклучување на најсилната правна експертиза. Тие ја поддржуваат, како што велат, „одговорната и европски ориентирана“ методологија која ќе гарантира еднаквост пред законот и ефективно казнување на корупцијата и злоупотребата на моќта.
ВЛЕН потсетува дека први ја побарале зголемената одговорност за високата корупција преку уставен амандман, додавајќи дека нивен приоритет останува воспоставување систем кој ги штити граѓаните и правдата, а не оние што со години се користеле со законите за да се спасат од сопствените скандали.

Македонски








