
Скандалот со исчезнатите документи за тоа како се потрошени 120 милиони денари при организацијата на минатогодишниот самит на ОБСЕ ја потресе јавноста и повторно го стави под лупа работењето на Министерството за надворешни работи и министерот Бујар Османи.
Според Вреди, целата афера е јасен доказ за „нечесност и незаконито работење“ во институцијата која треба да биде симбол на транспарентност и отчетност.
„Наместо вистински резултати, единствената ‘победа’ на Османи беше да го прими рускиот министер Сергеј Лавров во Скопје, потег кој предизвика негативни реакции и сомнежи во надворешнополитичката ориентација на Османи и партијата ДУИ“, се вели во реакцијата.
Оттаму додаваат дека граѓаните треба да ги знаат некои работи, па поради тоа упатија неколку прашања до Османи и го повикаа да даде одговори.
„Зошто нема документи, фактури или извештаи за потрошените 120 милиони денари? Кој ги одобрил овие трошења и со каква цел? Кој ги скрил документите? Дали истите тие средства завршиле во џебовите на фирми блиски до ДУИ?“, прашуваат од Вреди
Партијата потсетува дека Државниот завод за ревизија (ДЗР) е првата институција што треба да алармира за незаконско трошење на народните пари, и дека тоа веќе е направено во случајот со Бујар Османи.
„Во последните два дена гледаме дека Османи е вклучен во сите клучни договори и бизниси на ДУИ, како и во средби со српски функционери, токму во моменти кога на македонскиот пазар влегуваат компании, казина и телекомуникациски оператори со контроверзно потекло“, велат од Вреди.
Според нив, токму ова е причината зошто Османи нема кредибилитет да зборува за странско влијание или за заштита на националните интереси.
„Во неговиот мандат се отворија вратите за сомнителни бизнис-дилови и дипломатски скандали кои ја рушат репутацијата на Македонија. Граѓаните заслужуваат одговори, а институциите мора да покренат постапки“, додаваат од Вреди.