
2025 година беше успешна за Царинската управа, како една од клучните столбови на државата и економијата. Таа обезбедува значителни приходи и има важна улога во полнењето на Буџетот.
„Резултатите кои ги постигнавме се видливи и мерливи, но секогаш може повеќе, вели Бобан Николовски, директор на Царинската управа во интервју за „Република“.

Тој е задоволен од приходите наплатени во изминатата година, кои овозможуваат повеќе средства за здравство, образование и за патна и железничка инфраструктура.
„Во 2025 година Царинската управа наплати приходи од 131,6 милијарди денари или 2,14 милијарди евра што претставува раст од 5,2 % или 105 милиони евра повеќе споредбено со 2024 година. Раст е забележан по сите основи, при што приходите од царина бележат раст од 15,5 %, од данок на моторни возила 12,5 %, од акциза за 5,9 % и од ДДВ при увоз за 3,2 %. Како Царинска управа имаме континуирано зголемување на приходите во Буџетот, но и зголемување на оперативните резултати во царинските постапки. Ова не е случајност. Ова е резултат на секојдневна напорна работа, професионализам и посветеност. Секогаш може подобро. Резултатите што ги имаше постигнато минатата влада на СДСМ ги надминавме без поголеми потешкотии, имајќи предвид дека затекнавме девастирана Царинска управа. Го подобривме и односот со бизнисмените, транспортерите и со сите други учесници во царинската постапка“, вели Николовски.
На прашањето што се случува со запленетите пратки на храна, облека и обувки — дали се уништуваат или можат да се дадат на деца без родители, бездомници и хуманитарни организации — Николовски објаснува дека предмет на донација можат да бидат единствено облеката и обувките. Како што нагласува, тие подлежат на проверка на безбедност, согласност од застапниците на трговските марки и постапка за отстранување на ознаките.
Минатата година Царинската управа запленила шест тони храна и над 10 илјади парчиња лекови. Сета запленета храна и лекови се уништува бидејќи претставува опасност за здравјето на граѓаните.

Што е со царинењето на половни автомобили? Дали е намален увозот на стари возила?
Николовски: Во 2024 година е забележан раст на увозот на нови и употребувани хибридни и електрични за 55 проценти. Бројот на нови хибридни бележи раст од 36 проценти. Ова придонесува за процентуален раст на возила кои не загадуваат и се надеваме дека колку што расте нивното производство толку ќе бидат повеќе увезувани бидејќи екологијата е наш приоритет.
Во однос на увозот на употребувани возила во изминатиот период Царинската управа е насочена кон спречување на криминалот со овие возила, што резултира со зголемена наплата на приходи од увоз на возила.
Нашите зајакнати истраги беа причина и за зголемена наплата на давачки при увоз на возила. Заклучно со ноември, по овој основ, се наплатени 11,3 милијарди денари, односно една милијарда повеќе од претходната или 11 проценти повеќе.

Неодамна од Канцеларијата на ОН за дрога и криминал добивте како донација нова опрема да се скенираат пратки со цел да се спречи шверц на оружје и дрога. Како функционира?
Николовски: Самото постоење на еден ваков скенер-рендген истовремено делува и како одвраќање на криминалците од намерите за шверц, што кажува и фактот дека од неговото поставување не се откриени обиди за криумчарење опасни супстанци. Со капацитет за скенирање стотици пратки во минута со помош на вештачка интелигенција, скенерот кој е поставен во Царинска испостава Пошти ќе помага во детекција на огнено оружје, негови делови и муниција, дрога и експлозиви. На овој начин, службите ќе бидат насочени да извршат навремена и прецизна проверка на сомнителните пратки.
Неодамна беше промовиран нов систем за анализа, грант од Јужна Кореја. Што значи ова за Царината?
Николовски: Дигитализацијата е неминовен процес – ги забрзува царинските процедури и дава помал простор за грешка. Системот за анализа на ризик и податочен склад што го имплементиравме со грант од Република Кореја ги интегрира сите податоци за целиот увоз, извоз, транзит, податоците за акцизна стока, целокупната евиденција на заплени, прекршочни и кривични пријави каде истите се анализираат со поддршка на напредна вештачка интелигенција.
Воедно истиот обезбедува податоци за пратки чии вредности се различни од берзанските цени, но и чии вредности се под просечните согласно анализата на вредноста на целокупниот увоз, со што ги алармира царинските службеници за проверка на контејнерите со вакви пратки, се со цел да се утврди и да се спречат обиди за царинска измама.

Во делот на спречување на секој обид за криминал, од суштинско значење е и анализата на податоците за патници во воздушниот сообраќај што ни овозможува поефикасно таргетирање на високоризични профили на патници.
Второ, се овозможува олеснување и забрзување на легалната трговија, што за фирмите значи пократко време за царинење и помалку трошоци. Ова е овозможено преку зголемена концентрација на контролите на пратките каде претходно системот утврдил дека постои високо ниво на ризик од потенцијални измами, како и анализа на податоците од извршени постконтроли, што придонесува кон забрзување на легалната трговија.
Трето, се овозможува подобрување на квалитетот на податоците кои понатаму ќе бидат предмет на анализи и креирање мерки за подобрување на трговските политики како клучни за забрзување на растот на економијата.
Добивте како донација и две царински кучиња, ги вклучувате ли веќе при контролите што ги прави Мобилна Царина?
Николовски: Тоа се одлично истренирани кучиња. За едно од нив, директорот на корејската Царина истакна дека е вистинска ѕвезда, бидејќи во Република Кореја се евидентирани значителни заплени по негова заслуга. Заедно со уште едно куче од К9 единицата неодамна учествуваа во откривање на десет килограми кокаин.
Неодамна бевте во Брисел каде зборувавте за т.н зелени ленти. За што се работи?
Николовски: Ова значи дека ние како Царинска управа, и граничната служба на нашиот сосед , односно Грција и Бугарија кои се членки на ЕУ, овозможуваат непречен проток на стока, како клучно за зголемување на конкурентноста на македонските компании. На тој начин градиме доверба помеѓу двете царински служби.
Кое е најголемото достигнување на Царината во периодот откако раководите со неа?
Николовски: Горд сум на екипата и на тимот во Царинската управа што ги постигна овие резултати. Постигнавме состојба во која секој, и однадвор и одвнатре, може да дојде и да види мерливи и видливи резултати, и да ги спореди со минатото. Ќе види дека некој се трудел, работел попрофесионално и поангажирано, имал визија и знаел што прави. На тоа сум најмногу горд. Царинската управа може и мора уште повеќе, но за да имаме резултати потребна е соработка со транспортерите, бизнис-заедницата и со секој учесник во царинската постапка. Јас тоа чувство сè уште не го имам на она ниво на кое би требало да го имам. Во Царинската управа сум од 2008 година и добро знам што мислам и што зборувам.
Разговараше: Игор ЧАВЕСКИ
Видео и монтажа: Александар АРСОВСКИ

Македонски




