
Откако сите лаги им се распрскаа како меур од сапуница, СДС и Богданка Кузеска без трошка срам продолжуваат да лажат. Не е ни чудно тоа за нив, да имаше школа за лажење, дефинитивно немаше да имаат конкуренција, затоа што само од СДС можат со рака на срце да се колнат дека ја сакаат државата, а од друга страна ја распродаваат, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, еден од еклатантните примери за безочно лажење е менторот на Венко Филипче, Зоран Заев, кој дури и во децата и своите предци се колнеше дека нема да го смени името кога ќе дојде на власт.
-За жал, голем дел од граѓаните поверуваа на лагите на Заев и СДС и не само што до смени името, туку заедно со неговиот чувар на фотелјата во СДС, Венко Филипче и ги распродаваа националните и стратешки интереси, државата ја опљачкаа, а граѓаните ги осиромашија.
Со најголемата лага „нема правда, нема мир“ СДС ја искористи таканаречената Шарена револуција, за да дојде на власт и да инсталира свои послушници во правосудството, кои прво Заев го ослободија од вина за примањето поткуп, па после со Филипче и останатите да ги заштитат од седумгодишниот криминал и пљачка на Македонија, се вели во соопштението.
Лажеа и за загадениот воздух, на цел глас дерејќи се Заев и компанија од СДС на предизборен митинг во Аеродром, дека ајро немало и дека по победата ќе го исчистеле, за што не само што со прст не мрднале, туку сега да гледаме дека со набавките на сомнителен квалитет на мазут свесно ги труеле граѓаните, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според владејачката партија, една од поновите лаги на СДС и Венко Филипче, која се распрсна на сите страни, беше лажењето и свесното ширење хистерија дека во државава ќе се градат мигрантски кампови, за што дури и британскиот амбасадор требаше да ги демантира и целосно да им ја разоткрие лагата.
-Долга е листата на лаги на СДС, Филипче и Заев и наместо да се извинат тие повторно продолжуваат со нивната најдобро научена школа, лажењето во кое им нема рамен.
Наместо бесцелните прес-конференции, добро би било Кузеска во име на сите предавства и лаги на сите досегашни и актуелно раководство јавно да им се извини на граѓаните, се истакнува во соопштението.

Македонски

