
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека однесувањето на функционерите на СДСМ, како што наведуваат, сè повеќе наликува на „политичка хистерија“, обвинувајќи ја опозициската партија дека се обидува да создаде вештачка атмосфера на хаос во јавноста.
Според владејачката партија, настапите на претставниците на СДСМ се координирани и исполнети со исти пораки и напади.
„Начинот на кој почнаа да се однесуваат функционерите на СДС сè повеќе наликува на секта, а не на политичка партија. Исти фрази, исти напади, исти координирани настапи и очајнички обиди да се создаде вештачка атмосфера на хаос во јавноста“, се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека наместо аргументи и политички ставови, од прес-конференциите на СДСМ излегуваат, како што велат, нервоза и паника.
„Стравот од сопствениот политички крај и одговорноста за пустошот што го оставија зад себе ги тера да реагираат нервозно и очајно да се обидуваат секоја трагедија да ја претворат во политички циркус“, велат од партијата.
Во соопштението се додава дека ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла, како што наведуваат, обидите трагедиите да се злоупотребуваат за дневнополитички напади.
„Македонија заслужува сериозна политика, а не политичка хистерија и очајни настапи од една партија која очигледно не може да се помири со сопствениот пораз“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Македонски

