
Бујар Османи, министерот кој го прифати францускиот предлог без да трепне, кој го претвори Министерството за надворешни работи во огранок на бугарското МНР и кој ги жртвуваше македонскиот идентитет, јазик и историја за фотосесија со европски бирократи, сега се јавува со патетични морални лекции, реагира попладнево ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно Османи, на својот Фејсбук профил, ја оцени како скандалозна денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека поранешниот министер за надворешни работи „прифаќајќи го францускиот предлог, директно закова шајки во рацете и нозете на македонскиот идентитет“.
-Ќе беше смешно, ако не беше трагично. Османи зборува за „внатрешна кохезија“ откако со години активно работеше на нејзино разнебитување. Тој кој не кажа ни збор кога Бугарија бараше да не постоиме како народ. Тој кој ја потпиша капитулацијата наречена преговарачка рамка, со наведната глава и без консултација со народот. Тој што направи параван од „европски вредности“ за да протне асимилација под европско знаме, наведува ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.
Според партијата, ако некој ја злоупотреби политиката за криминали цели тоа беа ДУИ и Османи.
-Османи денес зборува за „популизам“ откако целата негова кариера е изградена на клиентелизам, поделби и трговија со националните интереси. И ни збор за тоа што токму тој беше прв што прифати Бугарите да бидат ставени во Уставот, без никаква гаранција за македонскиот народ. Да му појасниме: Македонија не е ничиј туѓ дом, ама не е ни дом на политичари што ја распродаваат. Граѓаните не ја заборавија шверцерската ноќ на 16 јули. Не ја заборавија тишината со која дозволи да се гази врз сè македонско. Не заборавија дека твојата „дипломатија“ заврши со тоа Македонија да не започне ниту еден кластер, ама затоа добивме бугарски клубови и закани за порекнување на нашето постоење, потенцира ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата во реакцијата му порачува на Османи дека е подобро да молчи.
-Историјата ќе те памети како министерот кој го прифати условот македонскиот народ да стане „производ на Коминтерната“. А народот ќе ти го врати со истиот јазик кој најдобро го разбираш, посочува ВМРО-ДПМНЕ.
Османи, во реакција на Фејсбук, напиша дека „како никогаш досега имаме премиер кој наместо да работи на зајакнување на внатрешната цврстина на земјата, упорно ги поткопува сите основи на кои се темели нашата внатрешна стабилност“.
-Премиер кој наместо да го негува внатрешниот соживот, и да се грижи за меѓуетничката кохезија, свесно и доста упорно инвестира во промоција на омразата и меѓусебната нетолеранција. Прифаќам дека сме политички противници и дека концепциите за начинот на кој сметаме дека треба да се развива државата ни се различни. Ќе прифатам и дека не можеме да се усогласиме за „ гаранциите“ за продолжување на европскиот пат, за кои еве само искрено ќе кажам не му оди добро никаде. Но премиере, вие ја преминувате основната линијата на политичка пристојност кога за тоа нема никаква потреба.
Влечете за уши, делите жолти картони, навредувате, понижувате…, и сега последно – клетите, наведува Османи.
Премиерот Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарско прашање за спорот со Бугарија, по доделувањето на националното признание за врвни достигнувања во спортот нагласи дека „секој кој не гледа дека ова е суштината на проблемот е или политички аналфабет или не треба да се занимава со политика“.
– Тој точно знаеше што прави, директно стави нож во белите дробови на македонскиот идентитет, и тоа никогаш нема да го заборавам, прифаќајќи го францускиот предлог директно закова шајки во рацете и нозете на македонскиот идентитет. Ќе се бориме до крај, додека можеме, не знам дали ќе успееме, но добиваме симпатии и се повеќе земји и високи политичари го одобруваат ова што го правиме и нашите аргументи добиваат гласност, рече Мицкоски.
Тој уште еднаш праша зошто доколку проблемот е внесувањето на Бугарите во Уставот, биле поднесени амандманите со означување на македонскиот идентитет како сегашен.