Skip to main content

ВМРО-ДПМНЕ: Ленче Ристоска беше дел од СЈО и сега наместо извинување глуми жртва

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираше на тужбата што обвинителката Ленче Ристоска ја поднесе против партијата, оценувајќи дека таа се обидува да се прикаже како жртва, иако, како што наведуваат, била дел од систем кој заврши со сериозен криминален скандал.

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека Ристоска беше дел од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), институција која, според нив, не се памети по правда и реформи, туку по криминална и рекетарска мрежа вредна повеќе милиони евра. Како клучен доказ за дискредитацијата на СЈО, од партијата ја наведуваат правосилната пресуда против поранешната шефица на обвинителството, Катица Јанева.

„Ленче Ристоска беше дел од обвинителството формирано за политички прогон и изнуда, кое беше маша во рацете на СДСМ и тогашниот премиер Зоран Заев“, се наведува во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека токму тоа минато е причината зошто, според нив, Ристоска денес се препознава во јавните критики и реакции.

Партијата смета дека, наместо јавно извинување и јасна дистанца од периодот на СЈО, обвинителката избрала стратегија на дефокус и самопретставување како жртва, преку поднесување тужби и јавни настапи. Според ВМРО-ДПМНЕ, Ристоска не е жртва, туку „рецидив на систем кој произведуваше прогон и ја урниса довербата во правосудството“.

Реакцијата доаѓа во период кога Ристоска јавно соопшти дека поднела тужба против ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека користи институционални механизми за заштита на независноста на јавните обвинители и дека е недозволив политички притисок врз обвинител од позиција на власт.

Во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ дополнително посочува дека критиките кон Ристоска не се поврзани со актуелните судски процеси, туку со, како што велат, нејзината улога во еден компромитиран правосуден период. Од партијата нагласуваат дека јавноста има право да биде потсетена на контекстот во кој функционирало СЈО и на последиците што тој систем ги остави врз институциите.

Поврзани вести