
ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираше по резултатите од изборите, обвинувајќи го лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за историскиот пораз на партијата и барајќи негова оставка.
„Одговорноста за дебаклот на СДСМ има име и презиме – Венко Филипче, кој како лидер на партијата, под менторство на Зоран Заев, ја доведе СДСМ до раб на исчезнување од политичкиот спектар“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија велат дека СДСМ, под водство на Филипче, наместо реформи, станала „синоним за расипништво“, додека раководството уживало во „луксузни одмори и поседувало милионски имоти“.
„Со само 126 илјади гласа и шест освоени општини, СДСМ доживеа потоп. Народот ги казни ароганцијата, расипништвото и оддалеченоста од реалните проблеми на граѓаните“, стои во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека СДСМ останала под „диктат на Заев“ и дека наместо суштински реформи, се спроведуваат само „козметички потези“. Партијата бара „итна оставка на Филипче и длабоки внатрешни промени“ како предуслов за заживување на партијата.
„Македонија има потреба од силна, чесна и одговорна опозиција. За тоа, СДСМ мора да се ослободи од менторството на Заев и штетните политики на Филипче“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека тие остануваат посветени на „народот, реформите и иднината на државата“.

Македонски







