
Владата ќе го прифати секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите за минималната плата кога ќе биде постигнат во рамки на економско социјалниот дијалог, соопшти владината прес-служба по денешната средба во Владата со претставници на синдикатите.
На средбата со синдикатите покрај за минималната плата се разговарало и за колективниот договор и репрезентативноста на синдикатите, а покрај премиерот Христијан Мицкоски присуствувале и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, неговиот заменик Марјан Ристески, како и државниот секретар во Министерството за финансии ЈУлијана петкановска и советник во Кабинетот на претседателот на Владата.

Ставот на Владата во врска со зголемувањето на минималната плата е јасен и поврзан со закон. Имено, согласно закон Владата е обврзана да го определи нивото на минималната плата најдоцна до 31 март. Владата ќе го прифати секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите, во моментот кога тој ќе биде постигнат во рамките на економско социјалниот дијалог. Владата останува партнер на работниците и работодавачите и подготвена е на дијалог во секој момент кога тоа ќе биде побарано од страна на страните во процесот, се вели во соопштението од Владата.
Претставниците на синдикатите во изјава по средбата изнесоа спротивставени ставови и барања за минималната плата која ја обвинија за еднострано носење на одуката од крајот на март за зголемување на минималецот од 1800 денари согласно законски утврдените одредби.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) Слободан Трендафилов изјави дека Владата не била против зголемувањето на минималната плата, туку останатите два синдиката кои присуствувале на состанокот, нагласувајќи дека барале да се укинат одредбите на општиот колективен договор во процесот на растот на платите во јавниот секор или општиот колектив договор да се стави ад акта. Наспроти него, претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) Благоја Ралповски, оцени дека тоа што го бара ССМ е популизам, истакнувајќи дека со покачувањето на минималната плата на 30.000 денари ќе бидат опфатени само дел од вработените во државата.
На средбата во Владата било соопштено и дека до средината на мај ќе бидат потпишани колективните договори за додатоци на плата во органите на државната управа освен правосудството.
Владата е подготвена до средината на следниот месец да бидат потпишани колективните договори со кои ќе се овозможи етапна исплата на додаток на плата од 30 проценти за вработените во државната управа, освен правосудството, изјави претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) Трпе Деановски.