Skip to main content

Влада: Ги осудуваме неодговорните и неетички постапки на одредени странски медиуми во однос на известување за трагичниот настан во Кочани

Владата ја изразува својата најостра и недвосмислена осуда за неодговорните и неетички постапки на одредени странски медиуми кои и покрај нашите континуирани апели за почитување на етичкото новинарство, денес ја преминаа секоја граница на хуманост и достоинство во известувањето за трагичниот погреб во Кочани.

Во време кога интегритетот, точноста и одговорноста треба да бидат основата на известувањето, сведоци сме на непочитување на овие принципи. Сензационализмот и стремежот кон фотографии и наслови кои вознемируваат, привлекуваат внимание и кои имаат предност пред вистината, ја деградираат самата суштина на новинарството. Ова не само што е неприфатливо, туку е и длабоко штетно за целокупната јавност, но уште поважно за поединците и семејствата на погодените во оваа огромна трагедија. Искористувањето на моментот на жалост и тага заради спектакл е за осуда.

Ги повикуваме уште еднаш сите медиуми да се придржуваат до највисоките стандарди на професионално известување и да ги почитуваат личната болка и достоинство.

Правото на информации никогаш не смее да биде по цена на основната човечка пристојност. Ќе продолжиме да очекуваме одговорно известување кое му служи на јавниот интерес. Владата останува посветена на транспарентноста и слободата на медиумите, но нема да премолчиме на неетички практики кои ги нарушуваат принципите на чесност и почит. Ги повикуваме релевантните меѓународни медиумски тела да го забележат ова и да го запрат овој опасен тренд пред дополнително да ја нарушат довербата на јавноста.

Поврзани вести