
По Брегзит, Обединетото Кралство сè поинтензивно го користи инвестиционото портфолио како алатка на надворешната политика, настојувајќи да ја преформулира својата глобална улога. Еден од најновите примери за ваквиот пристап е стратешкото партнерство со Република Македонија, кое предвидува британска поддршка од 5 милијарди фунти преку UK Export Finance, пишува американски Newsmax.
Соработката го опфаќа развојот на повеќе клучни сектори – здравство, енергетика, транспорт и дигитална инфраструктура – и има потенцијал да ја трансформира македонската економија.
-Ова партнерство овозможува на Република Македонија да го искористи искуството и најдобрите практики на британската јавна администрација и бизнис секторот, што ќе помогне да се подигне нивото и на администрацијата и на бизнис заедницата во земјата, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Покрај економските придобивки, Велика Британија со овој потег ја зацврстува и својата геополитичка позиција во Балканот – регион кој игра сè поголема стратешка улога во Европа. Досега се потврдени три групи на проекти: изградба на брза железница по Коридорот 10, изградба и реконструкција на болници во повеќе градови, како и изградба на медицински факултет и студентски дом во Штип.
Овие проекти ќе имаат мултипликативен ефект – ќе ја подобрат поврзаноста, ќе поттикнат раст во дополнителни сектори и ќе ја зголемат конкурентноста на македонската економија.
Покрај инфраструктурните придобивки, очекувањата се дека проектите ќе создадат и илјадници нови работни места, што е особено значајно за младата работна сила.
Развојот на брзата железница, пак, нема да биде важен само за Република Македонија, туку и за цел Балкан, бидејќи ќе овозможи подобра регионална интеграција и економска поврзаност, стои во објавениот текст на Newsmax.