Skip to main content

Уставниот суд ja одржа 22. седница

Уставниот суд денеска ја одржа 22. седница на која дискутираше за осум иницијативи за оценување на уставност и законитост, две барања за заштита на слободи и права и два предлога за донесување на одлуки. 

Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на член 141-а од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги   („Службен весник на Република Македонија“ бр.184/2013, 13/2014,  44/2014, 101/2014, 132/2014, 13/2016, 142/2016, 132/2017, 168/2018, 248/2018 и 27/2019 и „Службен весник на Република Северна       Македонија“ бр.154/2019, 42/2020, 90/2020, 140/2020, 2/2021, 48/2021,    77/2021, 154/2023, 55/2024 и 193/2024) и ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на член 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Северна   Македонија“ бр.55/2024). 

Подносител на иницијативата, адвокат Љупчо Докузов, во неа наведува дека со оспорените измени неосновано се навлегува во правата и обврските на радиодифузерите и нивната независност, како и на кабелските оператори кои вршат реемитување на националните програмски сервиси, а со тоа и на публиката- потрошувачите, при што со закон се налагаат и предвидуваат задолжителни облигациони односи-склучување на договори помеѓу трговски друштва основани со приватен капитал. Подносителот тврди дека Законодавецот неосновано интервенира/се меша и уредува приватно-правни односи помеѓу трговски друштва, односно на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Се тврди дека со измените државата наредува што мора да гледаат граѓаните, што да реемитуваат кабелските оператори и што да емитуваат телевизиите преку програма мултиплекс итн. 

Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на член 113 во делот „од први јули 2019 година“ од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2019, 20/2020 и 56/2021). Подносител на иницијативата е Игорчо Точев.

Одредбите од членот 5 од овој Закон кои се однесуваат на поимите дефинирани во точките 19 и 20 од членот 3 од овој закон за несогорлив тутун и електронска цигара ќе бидат употребени за определување на надоместок согласно со Законот за акцизите од 1 јули 2019 година. 

Судот поведе постапка за оценување на уставноста на член 20-а став 3 од Законот за технолошки индустриски развојни зони („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/2007, 103/2008,       139/2009,     156/2010, 172/2012, 41/2014, 160/2014, 72/2015, 129/2015,   173/2015, 192/2015, 217/2015, 30/2016, 83/2018 и  „Службен весник на  Република Македонија“ бр.13/2023 и  59/2025) и не поведе постапка за оценување на уставноста на член 19 став 1 во делот „управува“  од  Законот за технолошки индустриски развојни зони („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/2007, 103/2008,       139/2009,     156/2010, 172/2012, 41/2014, 160/2014, 72/2015, 129/2015,   173/2015, 192/2015, 217/2015, 30/2016, 83/2018 и  „Службен весник на   Република Македонија“ бр.13/2023 и  59/2025).

Според подносителот на иницијативата, Игорчо Точев,  определбата дека со Дирекцијата „управува” Управниот одбор е доведена под сомнеж во поглед на усогласеноста со Законот за организацијата и работа на органите на државна управа и член 47 од законот. Во иницијативата се тврди дека се во колизија надлежностите на Управниот одбор и на Директорот. 

Судот  ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за начинот на уништување на документи и начинот на уништување, бришење и чистење на медиумот во Агенцијата за супервизија на капитално финансирано осигурување („Службен      весник на Република Македонија“ бр.124/2013).

Подносител на иницијативата, Игорчо Точев, тврди дека е беспредметно таква норма да постои, бидејќи според него, таа во примената упатува на самата себеси, а според содржината може да доведе до конфузија во примената. 

Судот поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССИ 03, Блок ССИ 03.07, Општина Бутел и Општина    Карпош, Скопје, бр.09-6947/3 од 12.10.2021 година („Службен   гласник на Општина Карпош“ бр.19/2021); Одлука за донесување на   Детален урбанистички план за градска четврт ССЗ 02, Блок 06,      Општина Карпош – Скопје, бр.09-6334/4 од 16.09.2021 година    („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.15/2021); Oдлука за       донесување на Детален урбанистички план за Блок 9 од градска   четврт ССИ 03, Општина Карпош и Општина Чаир бр.09-6334/5 од  16.09.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.    15/2021); Одлука за донесување на Детален урбанистички план за       градска четврт 3 06, Блок 3 06.09 Општина Карпош, Скопје, бр.09-  5967/7 од 30.08.2021 година („Службен гласник на Општина  Карпош“ бр. 13/2021); Одлука за донесување на измена и дополна      на Детален урбанистички план за градска четврт ЦС 15-Криви Дол      Блок 1, Општина Карпош – Скопје бр.09-5017/6 од 15.07.2021 година    („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.10/2021); Одлука за   донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССИ    03 блок 02, Општина Карпош и Општина Бутел, Скопје бр.09-2334/7 од 09.04.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.7/2021) и Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт 304, Блок 04.02 Општина Карпош – Скопје бр.09-6997/8 од 12.11.2020 година („Службен гласник на Општина Карпош“  бр.20/2020).

Подносители на иницијативата, Невена Георгиева и Татјана Чакулев, во иницијативата меѓу другото наведуваат дека со оспорените одредби се повредени член 8 став 1 алинеја 9 од Уставот и членовите 5 и 34 од Законот за локална самоуправа. Подносителките тврдат дека Димитар Оровчанец, член на Советот на Општина Карпош, на 03.10.2020 година станал жител на Општина Кисела Вода, со што согласно член 46 став 1 алинеја 6 од Законот за локалната самоуправа му престанува мандатот како советник. Се наведува дека во периодот од 03.10.2020 година до 15.10.2021 година, Советот на Општина Карпош работел со незаконски број на членови. 

Судот поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување правила во урбанистичкото планирање и спроведување на параметри во рамки на дефинирана градежна    парцела за реализација и спроведување на урбанистички план бр.08-   7099/17 од 12.06.2024 година, донесена од Советот на Општина Тетово („Службен весник на Општина Тетово“ бр.7/2024).

Подносителот на иницијативата Даријан Сотировски, смета дека Одлуката го повредува начелото на правна сигурност на граѓаните, бидејќи, меѓу другото Советот на Општината донел Одлука која разработува прашања кои треба да бидат уредени со Закон за урбанистичко планирање, па на тој начин се вели дека од 1 јули 2024 година локалната самоуправа ќе се придржува до „новите” правила во процесот на урбанистичкото планирање кои се однесуваат посебно на изградбата и одобренијата за градба во зони на индивидуално домување. Според наводите, не може да стане збор за „нови” правила, бидејќи конкретните правни прашања се регулирани со Закон врз кој што е основан ДУП на конкретни подрачја. 

Судот не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на точка 32 од дел III од Годишната програма за финансирање на  изработка на урбанистички планови за 2025 со број 80.868/6 од 4 февруари 2025 година („Службен весник на Република Северна   Македонија“ бр.25/2022). Судот ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на точка 35 од дел III од Годишната програма за финансирање на  изработка на урбанистички планови за 2024 со број 41-805/4 од 16 јануари 2024 година („Службен весник на Република Северна   Македонија“ бр.15/2024, 160/2024 и 226/2024).

Подносителот Игорчо Точев, смета дека е спорно исплаќањето на годишните програми кои се однесуваат за минати години, а се предвидени во Годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови за 2024 година. Подносителот посочува дека исплатата на средства по тој основ може да се врши единствено на годината за која се носи Планот, па затоа оспорената одредба може да доведе до заблуда околу исплаќањето, што е во псротивност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок. 

Судот ја отфрли иницијативата за оценување на законитоста на Соопштение бр.02-763/1 од 10.06.2024 година, донесено од страна на претседателот на Стоматолошка комора на Македонија

Подносителот на иницијативата, Жарко Ѓорѓиев, претседател на Здружение на приватни стоматолози, тврди дека претседателот на Стоматолошката комора на Македонија со соопштение ги повикува заинтересираните за стручно усовршување на докторите стоматолози да достават барање и според него тоа претставува јавен повик кој е општо обврзувачки акт за подносителите на барања, односно акт кој претседателот на Комората нема право да го донесе. Се наведува дека Соопштението не е во согласност со членот 262 од Законот за здравствена заштита, како и со членот 25 од Правилникот за стручно усовршување на Комората. 

Судот го одби барањето на У. Н.  и други од Прилеп, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија кои се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на расна и национална припадност.

Подносители на барањето: У. Н и други. Барањето е за заштита на слободите и правата на граѓаните согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот кои се однесуваат на забрана од дискриминација на граѓаните, по основ на расна и национална припадност.

Судот го отфрли барањето на Александар Насковски од Скопје за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на работен статус, заштита на правото на слободно изразување, правото на мирно собирање и изразување на јавен протест.  

Оспорен акт е Договор за продолжување на договорот за работа на определено време на професоналниот војник на служба во Армијата ОУ.бр.04-1/995 од 27.05.2024 година

Судот го поништи член 46 став 7 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија бр.141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.147/2023, 263/2023, 286/2023, 135/2024, 218/2024 и 275/2024). https://ustavensud.mk/archives/35104

Судот ја укина Одлуката за донесување на Предлог-Деталниот урбанистички план за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“ – дел, за плански период 2018- 2023(1ха) – Општина Кичево бр. 08-1747/18 од 18.07.2023 година („Службен гласник на Општина Кичево“ бр.VII/2023 од 19.07.2023 година).

Поврзани вести