
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе биде домаќин на министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, кој ќе престојува во работна посета на Македонија.
Во фокусот на разговорите, како што информираат од Министерството, ќе бидат можностите за унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји, кои изминатиот период остварија интензивна и плодна соработка, како и тридецениското пријателство и континуираниот пораст на трговската размена.
Во рамките на посетата, се очекува потпишување на Договор за стратешка соработка меѓу двете влади, Меморандум за разбирање меѓу македонското Министерството за образование и наука и Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија за соработка во рамките на Програмата Stipendium Hungaricum за периодот 2026–2028.
Меморандумот, како што соопштија од МНРиНТ, ќе биде потпишан од министерот Петер Сијарто и министерката за образование и наука, Весна Јаневска.