Skip to main content
IvrFQz5gf34

Тошковски: Брзи законски измени за поефикасна заштита на жртвите на семејно насилство

На иницијатива на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се одржа тркалезна маса на тема „Предизвици во обезбедувањето поддршка и заштита на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство“. На настанот учествуваа претставници на институции од судската, обвинителската и безбедносната сфера, експерти, како и претставници на граѓански организации и невладиниот сектор.

Министерот Тошковски нагласи дека семејното и родово базираното насилство е проблем кој постои со години и за кој мора да се зборува отворено, со цел заеднички – институциите, граѓаните и целото општество – да се фокусираат на изнаоѓање ефикасни решенија.

Првата тема што сакам да ја отворам денеска, по препорака на експертите, е како институциите да реагираат што е можно побрзо во ситуации на семејно насилство, со цел конкретниот насилник – без оглед на сопственоста на домот – веднаш да биде изолиран и отстранет од средината, а семејството, особено децата, да биде заштитено, за да се спречат дополнителни штетни последици“, потенцираше министерот Тошковски.

Тој истакна дека секој граѓанин кој ќе забележи потенцијално семејно насилство треба веднаш да ја информира полицијата, нагласувајќи дека полициските службеници ќе продолжат да постапуваат со максимална посветеност во спречувањето на сите форми на насилство, особено кога станува збор за заштита на малолетни лица.

По дискусијата и изнесените ставови, министерот Тошковски ги сумираше клучните заклучоци од тркалезната маса, нагласувајќи дека веќе следната недела ќе се состане Националното координативно тело составено од претставници на релевантните институции и невладиниот сектор, со цел да се дефинираат брзи законски измени.

Ќе работиме на измени на повеќе закони кои ќе овозможат поефикасно институционално постапување и побрза заштита на жртвите, меѓу кои Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, Законот за полиција и Законот за бесплатна правна помош. Дополнително, од понеделник Граѓанскиот суд ќе воведе 24-часовно дежурство за побрзо изрекување мерки за заштита на жртвите. Планирано е и потпишување меморандуми за соработка со невладиниот сектор, како и донесување правилник за континуирана едукација на вработените во институциите кои постапуваат по случаи на родово базирано и семејно насилство“, изјави Тошковски.

Министерот изрази очекување дека овие процеси ќе се реализираат во најкраток можен рок и ќе придонесат за значително поефикасна и посистемска заштита на жртвите од семејно и родово базирано насилство.

Поврзани вести