Skip to main content

Тетовските студенти и средношколци пред тетовскиот Суд и ЈО оставија противпожарен апарат и порачаа да се најдат виновниците за сите големи трагедии во изминатите години

Претставници на тетовските студенти и средношколци денеска пред тетовскиот Суд и Јавното обвинителство оставија противпожарен апарат со кој им порачаа на овие институции совесно да си ја вршат работата и да ги најдат виновниците за сите големи трагедии во изминатите години, почнувајќи од последната во Кочани.

„Бидејќи објектите во Македонија се лесно запаливи, ние денеска на Основниот суд и Обвинителството во Тетово им подаруваме еден противпожарен апарат за нивната безбедност, но исто така сакаме да ја потенцираме и важноста за правда во нашата држава. Сакаме да упатиме една порака до обвинителите и судиите да ја разоткријат вистината, да ги изведат пред правдата и да ги стават зад решетки вистинските виновници и тие што се одговорни за трагедиите во Кочани, каде загинаа 59 млади, пожарот во модуларната болница во Тетово, каде загинаа 14 наши граѓани, несреќата со „Беса транс“ во Бугарија, во која загинаа 45 наши граѓани, несреќата со „Дурмо турс“ во Ласкарци, кога загинаа 16 патници и за многу други трагедии за кои сè уште нема никаква казна. Исто така, пред лицето на правдата треба да се изнесат и судиите и обвинителите кои ја кочеле правдата во овие и многу други случаи“, изјави Бленди Ходаи од „Иницијатива нула“.

Тие ги повикаа средношколците, студентите и граѓаните од Тетово в понеделник да излезат на градскиот плоштад и да го искажат својот револт против корупцијата и неказнивоста на прекршителите на законот.

„Ја информираме јавноста дека в понеделник во 12:30 часот ќе се собереме на плоштадот во Тетово, а потоа ќе протестираме до Основниот суд против сите трагедии што се случиле. Ќе побараме одговорност затоа што правдата не може и не смее да биде во сенка и мора да има одговорност за сите случаи. За тоа ќе протестираме, бидејќи тоа е наша должност како граѓани“, вели Ходаи.

Поврзани вести