
Вардар се врати на победнички пат во ПМФЛ и по поразите од Шкендија и Струга славеше убедливо со 4-1 против Силекс во петтото коло.
„Црвено-црните“ одиграа одличен натпревар и заслужено стигнаа до трите бода. Домашниот тим поведе уште во 3. минута преку Димитар Данев, кој прецизно реализираше по асистенција од Спахиу. Погодокот беше проверуван во ВАР-собата поради позицијата на Азер Омерагиќ, но беше признат.
Силекс имаше можност за израмнување преку Шеро, но Талевски одлично интервенираше. Сепак, кратовци успеаја да израмнат во 37. минута преку капитенот Анѓелески, кој погоди со одличен удар од свртување.
Во вториот дел Вардар повторно презеде иницијатива и во 54. минута дојде до ново водство. Михаил Маневски, кој штотуку влезе во игра, одлично се снајде во шеснаесетникот и погоди за 2-1. Победата беше потврдена во 69. минута, кога Мигел Пиреш искористи грешка на гостинската одбрана, продре низ неколку противнички играчи и реализираше за 3-1. Конечниот резултат го постави Едиз Спахиу во 88. минута со прекрасен лоб-удар, откако забележа дека голманот Џеков е излезен од својот гол.
Во следното коло Вардар ќе гостува кај Тиквеш, додека Силекс на домашен терен ќе ја пречека Шкендија.

Македонски


