
Екстремните горештини и повеќенеделната суша ја чинеа германската економија најмалку 36 милијарди евра, што е еквивалентно на 0,8 до 0,9 проценти од економскиот учинок на земјата, соопшти денеска еколошката организација „Гринпис“.
Цифрата е пресметана со собирање на економските штети од пропаднатите земјоделски приноси, шумските пожари и здравствените трошоци, како и од загубите во продуктивноста и трошоците во образованието предизвикани од жештините, пренесе ДПА.
– Ова лето на горештини и суша беше катастрофа за милиони луѓе и за економијата. Иако оваа природна непогода зад себе не остави куп урнатини, обемот на штетата е шокантен – изјави финансискиот експерт на „Гринпис“, Маурицио Варгас.
Варгас ја повика германската влада да одговори на климатската криза „со сериозноста што ја бара“ на нејзиниот претстоен владин состанок. „Бројките се недвосмислени: едноставно повеќе не можеме да си дозволиме да продолжиме како претходно“, рече тој.
Германија не беше поштедена од ефектите на рекордно топлото лето во Европа. Температурниот рекорд во земјата беше соборен во три последователни дена во јуни, достигнувајќи врв од 41,7 степени Целзиусови во источната сојузна покраина Бранденбург, додека во последните недели избувнаа и неколку големи шумски пожари.
„Гринпис“ соопшти дека десетици милиони работни часови се изгубени поради жештините, додека повеќенеделната суша се очекува да резултира со значително пониски приноси во одделни делови од земјата.
Речниот сообраќај мораше да биде прекинат на одредени делници поради екстремно нискиот водостој на главните реки како Рајна. Индустриите кои зависат од големи количини суровини и полупроизводи беа посебно погодени – вклучувајќи ги хемиската, челичната и нафтената индустрија.
Од „Гринпис“ нагласија дека пресметките се проценка. Организацијата соопшти дека работела „со одредени непрецизности во квантификацијата поради нецелосни информации“, но инсистираше дека е важно да се направи веродостојна проценка за економската штета од високите температури.
„Занемарувањето на штетите поради нецелосни податоци би довело до далеку поголеми празнини во разбирањето и масовно би го потценило обемот на природната непогода“, соопшти организацијата.
Загубите во продуктивноста беа идентификувани како најголема поединечна ставка од штетата. „Со проценети 25 тропски денови, загубите и прекините во продуктивноста поврзани со жештините достигнуваат 10,8 милијарди евра“, се наведува во студијата.
Следуваат штетите во шумарството, проценети на 5 до 7,5 милијарди евра, додека загубите поврзани со здравството изнесуваат 6,9 милијарди евра. Земјоделството, речниот транспорт и образованието исто така беа значително засегнати, соопшти организацијата.
„Гринпис“ истакна дека некои сериозни последици сè уште не можат воопшто да се пресметаат, вклучувајќи ги ефектите врз енергетскиот систем поради недостигот на вода за ладење и зголемувањето на загадувањето со озон и суспендирани честички предизвикано од жештините.
– Вистинските трошоци од екстремните временски настани, како топлотниот бран ова лето, се далеку над нашите пресметки. Вложувањата во амбициозни мерки за заштита на климата се занемарливи во споредба со нив – рече Варгас.

Македонски


