
До денеска напладне во Регистарот на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија или други правни лица што располагаaт со државен капитал во Државната комисија за спречување на корупцијата се евидентирани повеќе од 380 возила, согласно одлуката за пријавување на службените возила пред локалните избори закажани за 19 октомври.
Државни органи, органи на локалната самоуправа, јавните претпријатија или други правни лица што располагаaт со државен капитал имаат рок од десет дена од распишувањето на изборите до ДКСК да ги достават податоците за возилата со кои располагаат. ДКСК регистарот го објавува на својата веб страна.
Согласно Роковникот на Државната изборна комисија (ДИК) рокот истекува на 18 август 2025 година.
Доколку правните лица не достават податоци за бројот, видот, регистарската таблица и возната состојба на моторните возила со кои располагаат во предвидениот рок, ДКСК покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истекот на рокот за доставување на податоците.
Регистрацијата на возилата на институциите се врши со цел тие да не се користат од страна на функционерите и други именувани и избрани лица за потребите на изборните кампањи.
Владата, пак, донесе одлука сите службени возила да добијат специјални таблички во боја, црвени, најдоцна до 15 септември 2025 година, со цел поголема транспарентност и спречување злоупотреби. Предвидено е исто така да се воведе специјален регистар на државните автомобили, кој ќе овозможи прецизна евиденција за местоположбата и користењето на секое службено возило.