Skip to main content

Средба Сиљановска Давкова-Токајев: Изразена подготвеност за унапредување на севкупните односи меѓу Македонија и Казахстан

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со претседателот на Република Казахстан, Касим-Жомарт Токајев во резиденцијата „Акорда“ во Астана, на која што се разговараше за севкупниот развој на односите меѓу двете држави кои се кооперативни и пријателски.

Укажувајќи на можностите за инвестирање што ги нуди земјава и на важноста на мултиполарниот свет, претседателката ја истакна подготвеноста од македонска страна за натамошен развој и продлабочување на билатералните односи.

Таа повика на интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена, која е релативно мала, со дефицит на македонска страна. Како што Казахстан е мостот меѓу Азија и Европа, така ние можеме да бидеме мостот со Централна и Источна Европа заради нашата положба, посочи претседателката по средбата.

Домаќинот, претседателот Токаjев, нагласи дека Казахстан е заинтересиран за развој на сеопфатно партнерство со државава и рече „ја сметаме вашата земја како доверлив партнер на Балканскиот Полуостров“.

Тој ја истакна важноста од натамошно продлабочување на економските односи и зголемување на трговската размена преку конкретни чекори, како што се директни средби меѓу компании од двете земји и воспоставување на казахстанско-македонски економски совет.

Сиљановска-Давкова ја поздрави успешната соработка на Казахстан со Европската Унија, која е на врвот на листата на нејзини трговски партнери, особено имајќи ги предвид македонските аспирации за полноправно членство во европското семејство.

Посочи дека во денешната сложена геополитичка средина, интеграцијата на нашиот регион во ЕУ е клучна за обезбедување на мирна и безбедна иднина. Таа нагласи дека поради тоа е важно Западен Балкан да има јасна перспектива за членство во ЕУ, не само за нашата сопствена благосостојба и напредок, туку и за пошироката стабилност и безбедност на Европа.

Во контекст на значајниот јубилеј – 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, претседателката изрази интерес за размена на официјални посети на највисоко ниво.

Поврзани вести