Skip to main content

Средба Лимани – Кристијане Тешл-Хофмајстер: Австрија е еден од најголемите странски инвеститори во земјата и силен поддржувач во процесот на интеграција во ЕУ

Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани во рамки на посетата на Република Австрија оствари работна средба со Кристијане Тешл-Хофмајстер, советничка за образование на Владата на Република Австрија.

Во фокусот на средбата беше предучилишното образование и згрижување, искуствата на двете држави на ова поле и можностите за продлабочување на соработката.

Министерот Лимани нагласи дека средбата се одржува во клучен момент за Македонија, која е силно ангажирана во проширување и модернизација на мрежата на предучилишни институции. Притоа  се осврна на заложбите на Министерството кое во тесна соработка со општините и меѓународните партнери, е посветено на зголемување на вклученоста на децата во предучилишното образование, со цел да се достигне европската цел од 96% до 2030 година.

Од страна на министерот беше изразен интерес за искуството на Австрија, особено моделот „Kinderwelt“, кој претставува висок стандард на социјални иновации и заедничко вклучување. Во контекс на можностите како овој модел да се адаптира во нашиот национален контекст се разговараше за размена на експертиза, обуки за воспитувачи и заеднички проекти.

Северна  Македонија и Австрија имаат пријателски односи и блиска соработка, вклучувајќи и во областа на социјалната политика. Ресорните министерства на двете држави имаат потпишано и меморандум за разбирање со кој се конкретизира соработката на двете министерства за системите за социјална заштита, социјална заштита за различни категории на жртви, прашања поврзани со социјалната помош, социјална и професионална интеграција на лица со попреченост и други групи на лица во ризик од маргинализација, обезбедување на професионална грижа, долгорочна нега и социјални услуги за различни целни групи, како и намалување на сиромаштијата, како и социјални политики и мерки за одделни целни групи.

Австрија е еден од најголемите странски инвеститори во земјата и силен поддржувач во процесот на интеграција во ЕУ.

Соговорниците искажаа задоволство од средбата со искрени заложби за зајакнување на понатамошната соработка.

Поврзани вести