Дисперзираните паралелки на државното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ во Струга и основното општинско музичко училиште – Струга добија грант од Министерството за образование и наука за реализација на проекти за меѓуетничка интеграција во образованието, во висина од по 33.000 денари по училиште.
Kако што истакна раководителот на дисперзираните паралелки на средното музичко училиште во Струга, Димитри Кумбароски, cелта на проектите е да се промовираат меѓусебно разбирање, толеранција и почит меѓу учениците од различни етнички заедници.
Преку заеднички работилници, музички настапи и креативни проекти, ќе градиме мултикултурна атмосфера што поттикнува хармонични односи и взаемна почит, рече Кумбароски.
Тој истакна дека чениците од средното училиште, преку креативни работилници треба да изработат композиција што ќе биде училишна химна. Основците, пак, биле определени за работилници во оркестар, што треба да резултира со завршен концерт.
Овие се симболични средства, се користат за обезбедување материјали за потребите на учениците. Минатата година набавивме аудио снимач, а годинава предвидено е да купиме професионални столчиња за пијанисти, што остануваат како надгледни средства за потребите на учениците и наставниците за реализација на наставата, изјави Кумбароски.
Тој нагласи дека ефектите од досегашните работилници се очигледни. Учениците од различни етнички заедници стекнуваат меѓусебна почит и доверба и творат на заеднички јазик преку музиката.