
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска на маргините на Самитот на НАТО во Хаг заедно со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски имаше куса средба со американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседател Џеј Ди Венс.
По средбата таа рече дека Џеј Ди Венс кажал дека би можел да ја посети нашата земја.
-Морам да кажам дека со него беше господинот Венс и тој го познава нашиот министер за надворешни работи и мислам дека рече дека може и да не посети. Што си кажавме? Јас кажав дека сум македонска претседателка и дека првпат учествувам на овој самит и дека ги делам вредностите кои што ги дели и мојот народ и дека ќе ги соопштам нашите ставови, рече Сиљановска Давкова.
Според неа, интересна била неговата реакција односно говорот на телото кога потсетила на Кенеди и на неговата улога и дека може и САД и денеска да имаат таква улога за мирот кои се исто толку важни.
Претходно таа на нејзиниот профил на Фејсбук објави дека имала кратка средба со американскиот претседател Доналд Трамп, симболичен гест на почит и партнерство.
– Остануваме посветени на сојузништвото со САД како наш клучен стратешки партнер во рамките на НАТО и пошироко, напиша Сиљановска-Давкова на Фејсбук каде што се објавени и фотографии од средбата со Трамп на која присуствувал и шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски.