
Во пресрет на 22. Европски самит во Салцбург, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера се сретна со македонските православни верници, кои неодамна формираа нова црковна општина „Св. архангел Михаил” во Халејн, Република Австрија.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката, пред црквата „Св. Антониј“, Сиљановска-Давкова најпрвин ја поздравија најмладите членови на македонската заедница, облечени во македонски носии.

Таа ги информира за Националната стратегија за дијаспора и за Советот за дијаспора, за активностите врзани за Изборниот законик, како и за евроинтеграциите, а тие ја запознаа со работата и животот, изразувајќи задоволство од односот на австриската држава и општество кон нив.
Посебна благодарност изразија кон Маркус Данер, раководител на Парохискиот сојуз на Халејн, за можноста да го користат просторот на Католичката црква за вршење на своите верски обреди.

Сиљановска-Давкова помина незаборавни мигови во друштво на нашинците и на благородниот католички свештеник Маркус посакувајќи да создадеме услови за нивно враќање во татковината – стои во соопштението.

Сиљановска-Давкова од вчера престојува во работна посета на Република Австрија по повод учеството на 22. Европски самит во Салцбург. Предвидено е претседателката да се обрати на сесијата на тема „Дали Европа (сè уште) е глобален играч?“. Предвидено е претседателката да оствари средби со претседателот на Институтот на регионите на Европа, Франц Шаусбергер и со гувернерката на сојузната покраина Салцбург, Каролин Етстадлер, а на агендата е и глобалниот семинар во Салцбург – наведуваат од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.


Македонски


